Ќахил: Ибрахими најверојатно го уценува Заев, затоа што му е потребен неговиот глас
Министерот без ресор, Аднан Ќахил и уште пет- шест мина, меѓу кои негови братучеди, се исклучени од партијата за движење на Турците, која тој ја раководеше до ноември минатата година, кога на конгрес за нов претседател беше избран пратеникот Енес Ибрахим.
Покрај исклучувањето од партијата, се бара од премиерот Заев да го разреши Ќахил од позицијата на министер без ресор за странски инвестиции. Во партиското соопштение стои дека одлуката била природен епилог по непринципиелното делување на Ќахил кој со неетички и недемократски пристап го нарушувал угледот на партијата и етничката заедница која ја претставува.
Министерот без ресор, пак, вели дека од медиумите дознал дека е исклучен од Партијата за демократско движење на Турците во Македонија. Тој најавува тужба до неговиот наследни, Енес Ибрахими, кого го обвинува дека не ги почитувал процедурите и статутарните одредби на партијата. „Не може да ме исклучат од партија што ја формирав“, вели Ќахил.
Според него Ибрахими, кој е пратеник, најверојатно го уценува премиерот, Зоран Заев, со барање да го разреши од Владата.
-Го повикувам да наведе кого сум рекетирал и тоа да го докаже на суд, ако го докаже ќе дадам оставка. Против него има две судски постапки за тепачка, омаловажување на друг лидер, и за неплаќање на сметки. Тој веројатно го уценува Заев, неговиот глас е потребен во оваа ситуација, значи ситуацијата не е добра – изјави Ќахил за Канал 5.