Јункер: Романија не е спремна да претседава со Европската Унија
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер денес изрази сомнеж дека владата во Букурешт сосема разбира што значи шест месеци да се води Европската Унија, неколку дена пред Романија да го преземе претседателството со сојузот. Романија е „технички многу добро подготвена“ за шестмесечното претседавање, изјави Јункер за неделното издание на весникот Велт. „Но мислам дека владата во Букурешт не сфаќа целосно што значи да се претседава со државите од ЕУ“.
„Ефикасното дејствува бара волја за слушање на другите и посилна желба за ставање на своите грижи на страна“, истакна Јункер и додаде дека има сомнежи околу тоа прашање. Тој смета дека внатрешната политичка состојба на Романија значи дека државата нема да дејствува како обединет ентитет на европската сцена. „Дома е потребен обединет фронт за да се промовира единството на Европа за време ан претседавањето“, заклучи Јункер.
Романскиот претседател Клаус Јоханис минатиот месец кажа дека неговата држава не е спремна да го преземе европското кормилото, мислејќи на комплицираната ситуација во државата во која најмоќниот политичар, социјалдемократот Ливиу Драгнеа, не може да стане премиер поради осудата за изборна измама.
Наместо Драгнеа владата ја води Виорица Данцила, сметана за негова марионета. Романија влезе во ЕУ во 2007 година, заедно со Бугарија. Двете земји остануваат под надзор на Брисел поради раширената корупција и недоволното владеење на правото