Јотова најавува нова блокада од Софија на јунскиот самит
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова вели дека во моментов не гледа причини Софија да ја отстрани блокадата за преговарачкиот процес на земјава. Јотова, во интервју за бугарска телевизија рече дека за неа било клучно да има резултати од работата на Мешовитата историска комисија, односно промена во македонските учебници.
Бугарија има четири, пет услови кон Република Северна Македонија, кои се поставени многу одамна, уште од моментот во 2019 година кога стана јасно дека после потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не мрднало. После осумнаесет седници на Мешовитата историска комисија ниту еден ред не е сменет во текстовите во училиштата во Република Северна Македонија“, вели Јотова.
Од друга страна, во вчерашното гостување на претседателот Стево Пендаровски на Алсат, тој побара примери за тврдењата на бугарските политичари дека Договорот не се запазува.
„Госпоѓата е многу длабоко во криво, во грешка некоја. Треба да посочат на конкретни грешки од наша страна или недоследности во однос на имплементацијата на тој Договор“, рече Пендаровски.
Пендаровски и Јотова ја вжештија реториката и за резултатите од пописот во земјава. Според бугарската потпретседателка бројката на попишани Бугари е мала, поради тоа што властите на овие лица им барале документи како доказ.
„Во оваа етапа не гледам никакви основи пописот да биде признат“, рече Јотова.
„Дајте ни еден пример на човек, кој се изјаснил како етнички Бугарин овде кај нас, а тоа било одбиено од страна на било кој попишувач. Тоа се тврдења кои немаат никаков контакт со реалноста и не се втемелени во вистината“, рече Пендаровски.
Откако повторно продолжија острите реплики на релација Скопје-Софија, по отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, вчера премиерот Димитар Ковачевски одново побара што поскоро започнување на пристапните преговори, но и решавање на прашањата со Бугарија по пат на дијалог, надвор од пристапниот процес.