Штитат ли сегашните вакцини од Делта сојот на коронавирус?

Има случаи кога и целосно вакцинирани лица починале од Делта сојот на коронавирусот. Кои се причините? И дали вакцините воопшто штитат од мутацијата? Преглед на фактите.
Во Велика Британија најмалку 259 лица досега починаа како последица на зараза со Делта сојот. 116 од нив биле целосно вакцинирани, велат податоците на британските здравствени власти. Ова ја разгоре дебатата во јавноста – дали вакцините воопшто штитат од Делта варијантата?
Прво добрата вест: да, вакцините и натаму имаат ефект.
Зошто тогаш и покрај две примени дози постои ризик?
Ниту една од досега одобрените вакцини не дава 100% заштита од корона-инфекција. Ова го покажуваат сите студии спроведени уште од воведувањето на вакцинацијата. Особено вакцинирани лица со претходни заболувања сепак може да се заразат, во најлош случај и со смртни последици – иако ризикот за тоа е мал.
Најпознатиот виролог во Германија, Кристијан Дростен во јуни во својот подкаст „Корона апдејт“ на НДР изјави дека „има случаи во кои луѓе умираат и покрај тоа што примиле двојна доза вакцина“. Тука мора внимателно да се истражи што всушност била причината за смртта и како била поставена дијагнозата. Високиот процент на вакцинирани меѓу починатите од корона најверојатно се должи на фактот дека речиси половина од населението е веќе целосно вакцинирано, што пак истовремено е причина и за споменатата ниска стапка на смртност. Освен тоа, според податоците на британските здравствени власти, 116 од 118 починати биле постари од 50 години.
Пеги Ризе, научник при Хелмхолц центарот за истражување на инфективни болести, дава сликовит пример во интервју за ДВ. „Дури и 100% од населението да е вакцинирано сепак ќе има неколкумина кои ќе починат како последица на заразата.“ Тоа не значи дека вакцините не штитат, туку не штитат стопроцентно.