ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Шоле бара борба против корупцијата, но не донесе листа на санкции

Премиерот Димитар Ковачевски и американскиот дипломат Дерек Шоле во Скопје зборувале за борбата притив корупцијата, но не и за „црната“ листа на САД. Шоле доби македонски дрес на подарок, по што замина за Косово, а ќе ја посети и Србија.

Американската црна листа на санкции, за која се зборуваше дека може да биде проширена со актуелни македонски функционери не била тема на разговор меѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски и американскиот советник во Стејт департмент Дерек Шоле, кој на 11 јануари го посети Скопје, според она што официјално беше соопштено по средбата. Но тие зборувале за борбата против корупцијата, потврди премиерот.

„Американските истражители беа во државата, но нивната работа тие ја имаат пред американските органи со кои ние сме во партнерски односи и со кои имаме стратешки дијалог“, рече Ковачевски откако претходно во Владата се сретна со Шоле.

Ковачевски се пофали со унапредувањата во правосудниот систем

Премиерот Ковачевски на Шоле му ги претставил, како што изјави по средбата, големиот број на високите случаи на корупција покренати во државата и сите унапредувања во судскиот и правосудниот систем.

Но и покрај напредокот за кој зборува премиерот, истражувањата покажуваа дека довербата во правосудството не е на високо ниво. Анкетата Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објавена на 20 декември покажува дека 76 отсто до граѓаните имаат голема недоверба или до некаде не им веруваат на судството и обвинителството и дека таа бројка со години се продлабочува. Расте и бројот на оние кои мислат дека во државата нема владеење на правото. Податоците за 2022 покажуваат дека вкупно 63 проценти се категорични или до некаде не се согласуваат дека има владеење на правото. Во 2021 тој процент изнесувал 62.

Пред да ја посети Македонија, Шоле рече дека борбата против корупцијата е приоритет.

„Северна Македонија е една од оние земји кои се борат со корупцијата, а ние правиме сè што можеме за да помогнеме. Испративме тим неодамна во Северна Македонија да разговараме за овие прашања. Борбата против корупцијата е приоритет за државниот секретар Блинкен“, рече Шоле во интервју за Гласот на Америка на српски јазик минатата недела.

Премиерот Ковачевски вели дека со Шоле се договорите да се засили соработката околу борбата против корупцијата и владеењето на правото, за што ќе зборуваат и на друг состанок во првата половина на годинава.

Со американскиот дипломат зборувале и за уставните измени потреби земјава да го продолжи патот кон ЕУ, енергетската криза, претседавањето на Македонија со ОБСЕ.

Премиерот на својот гостин му подари и македонски фудбалски дрес со името на Шоле.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.