ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Шилегов критичен кон министрите што Ковачевски ги остави во Владата

Членот на ИК на СДСМ и доскорешен градоначалник на Скопје вели дека нема што да коментира во јавност за дебата на состанок на партиско тело, по информациите дека не дал поддршка за реизбор на Спасовски за министер за внатрешни работи и за ротирање на Николовски во земјоделство

Новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, на вчерашната седница на Извршниот одбор на партијата, на која се утврдуваа неговите предлози за министри во новата влада, не се согласил со забелешките на доскорешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, дека прави „погрешен рестарт“, со тоа што остава стари кадри, без да се направи сериозна анализа за нивната одговорност за поразот на неодамнешните локални избори, по кои Зоран Заев поднесе оставка и од премиерската и од лидерската функција.

„Не си во право“,

му рекол Ковачевски на Шилегов, според информации на „360 степени“ од седницата на Извршниот одбор на СДСМ, кој заседаваше пред Централниот одбор.

Во телефонски разговор за „360 степени“, Шилегов ниту ја потврди, но ниту ја демантира информацијата што ја пренесе , дека негова главна забелешка на состанокот на ИО била дека дел актуелни министри ќе останат и во новата влада на Ковачевски, без да се направи сериозна анализа колку тие придонеле за поразот на СДСМ на локалните избори.

„Нема што да коментирам во јавност за дебата на состанок на партиско тело“,

ни изјави кусо Шилегов.

Како што пренесува „Слободен печат“, Шилегов, иако не споменал имиња, алузијата била дека на Оливер Спасовски и на Љупчо Николовски не им е место во новата влада, бидејќи „не може за изборниот пораз да бидат виновни Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче и Петре Шилегов, а Спасовски како тогашен потпретседател на СДСМ и Николовски како генерален секретар и шеф на изборниот штаб да не понесат одговорност, туку да бидат наградени со нов мандат“.

Во владата на Ковачевски, чиј предлог-состав тој го достави денеска во парламентот, Спасовски останува министер за внатрешни работи – позиција на која е од 2017 година, како и претходно – пред изборите во 2016 година, кога како опозиционер учествуваше во преодната влада на Еми Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. Во таа техничка влада, пак, Николовски беше заменик-министер за земјоделство, за од 2017 година да ја преземе министерската функција во овој ресор, по доаѓањето на СДСМ на власт. Во вториот кабинет на Заев, Николовски беше избран за вицепремиер за борба против корупција, од каде што сега се враќа на чело на министерството за земјоделство.По претседателските избори во 2019 година, Николовски беше избран за генерален секретар на СДСМ, на предлог на Заев како лидер на партијата. Николовски од партиската позиција се повлече неодамна, кога требаше да се избира новото раководство на СДСМ, под водство на Ковачевски. Претходно, и Спасовски се повлече од потпретседателската функција во СДСМ, на која беше избиран во неколку наврати во последните години, оставајќи простор, по новогодишните празници, да соопшти дали ќе се повлече и од функцијата во Владата. Освен тоа, Спасовски беше и преоден премиер во кабинетот што беше избран пред предвремените парламентарни избори во 2020 година, поради чие одложување, како резултат на ковид-кризата, беше продолжен и мандатот на техничката влада.Во новиот кабинет на Ковачевски би требало да има осум нови министри, додека 12 се со минат труд во претходниот владин кабинет, од кои тројца се прекомандувани на други позиции. Повеќето од министрите од СДСМ, кои заминуваат од функциите, беа меѓу најекспонираните и најактивните во кабинетот на Заев, како Шекеринска, Димитров, Царовска и Филипче, кои беа членови и во владата која беше избрана во 2017 година. Со исклучок на Димитров, кој не беше партиско решение, Шекеринска, Царовска и Филипче, кои до скоро, исто така, извршуваа високи функции во СДСМ, сами објавија дека не остануваат во новата влада, уште пред Заев да ја официјализира оставката во парламентот.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.