Шекеринска со паралела: Кои се разликите меѓу упадот во Конгресот на САД и 27 април во македонскиот парламент?

Полицијата не дозволи да биде нападнат ниту еден член на Конгресот; огромно мнозинство на Републиканската партија се спротивстави на насилството; Пенс, и покрај големите притисоци од Трамп, остана цврст и го обезбеди трансферот на власта…
Се покажа дека демократијата може да биде сериозно загрозена кога политичката моќ е во рацете на луѓе за кои функцијата е поважна од државата. И кои стимулираат поделби, омраза и насилство само за да ја задржат. Кога тоа се случи кај нас, беше шок. Кога се случува во една стара демократија, после стотина мирни транзиции на власта, тоа е предупредување, напиша денеска на Фејсбук министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во врска со вчерашните насилства во Конгресот на САД.Шекеринска, која на 27 април 2017 година беше меѓу пратениците на СДСМ што беа нападнати и повредени при упадот на демонстрантите во македонското Собрание за време на изборот на Талат Џафери за спикер, нагласува дека ако сме искрени ќе си ги признаеме и разликите со 27 април, кои не се во наша полза:
- Полицијата не успеа да го спречи упадот, но не дозволи ниту еден член на Конгресот да биде нападнат ниту повреден. Немаше скршени глави и пролиена крв на претставниците на граѓаните и затоа граѓанската волја се исполни со успешен трансфер на власта.
- Огромно мнозинство на Републиканската партија гласно и јасно се спротивстави на насилството и упадот. Немаше „ама“, немаше смешни оправдувања, немаше гушкање со „спонтано собраниот народ“… Поранешниот претседател Буш, републиканец, беше меѓу првите кој повика на разум, потврда на изборот на Бајден и го осуди насилството. Неговиот потпретседател, Чејни, една од најмоќните републикански фигури, ги мобилизира сите досегашни министри за одбрана да потпишат писмо со кое повикуваат на разум и се спротивставуваат на можна злоупотреба на армиските сили. Дури и ќерката на Трамп одлучи да го избрише својот твит по обидот да ги прогласи насилниците за „патриоти“.
Актуелниот потпретседател Пенс, и покрај големите притисоци и повици од Трамп, остана цврст и по неколку часа го обезбеди трансферот на власта. Не избега, не одолговлекуваше, не бараше смешни „гаранции“. Ја почитуваше волјата на граѓаните. И не само тоа. И покрај партиската и лична лојалност кон Трамп, на крајот јасно порача: „Вие кои донесовте безредие и насилство во нашиот Капитол, вие не победивте. Насилството никогаш не победува. Слободата победува. Ова сѐ уште е дом на граѓаните. И како што повторно се собравме овде, светот ќе биде уште еднаш сведок на отпорноста и силата на нашата демократија.
- 4.И, уште нешто. Ако ги следите американските медиуми, ќе видите дека најголемиот дел новинари и аналитичари воопшто не се колеба да го користи вистинскиот збор „терористи“ за оние кои со насилство сакаа да предизвикаат политички пресврт, спротивно на волјата на граѓаните.
„Американската демократија преживеа. Како што преживеа и македонската пред помалку од четири години. Треба да бидеме горди што преживеавме и се закрепнавме од траумата. Но, некои луѓе треба сѐ уште треба да се срамат што дури ни насилството не ги освести и што дури и денес немаат сила ниту доблест да го осудат и да се оградат. Немаше меѓу нив ниту еден Пенс ниту Буш. Америка само нѐ потсети на тоа“,
напиша Шекеринска.