Шведскиот парламент ја потврди Андерсон за премиерка
Шведскиот парламент во средата ја потврди челничката на социјалдемократите Магдалена Андерсон за првата жена на премиерската должност во историјата на земјата, со што е ставен крај на неколкуседмичната политичка неизвесност.
Поранешната министерка за финансии Андерсон веднаш ќе се соочи со кризата, откако владиниот предлог за буџетот за следната година веројатно нема да биде усвоен подоцна во средата на гласањето во парламентот.
Социјалдемократите кои се во коалиција со Зелените немаат мнозинство во шведскиот парламент, но партиите Левица и Центар, кои се надвор од владејачкото мнозинство, главно ги поддржуваат владините предлози.
Претходно на 10-ти ноември шведскиот социјалдемократски премиер Стефан Лофвен ја поднесе очекуваната оставка, откако парламентот во јуни годинава му изгласа недоверба и тогаш му даде една седмица да отстапи од должноста и да го препушти местото на нов мандатар или да се распишат предвремени избори.
На почетокот од ноември беше објавено дека шведската министерка за финансии Магдалена Андерсон е избрана на функцијата предедател на владејачката Социјалдемократската работнилка партија на Шведска, и потенцијално таа на следните избори би можела да стане првата жена премиер на кралството. Таа ја презема министерската должност во 2014 година и стана првата жена на таа позиција во шведската влада.
Лофвен ја презема челната функција кај шведските социјалдемократи во 2012 година и ја предводеше до победите на парламентарните избори во 2014 и во 2018 година. Сепак, по минатите избори кревката коалиција на Лофвен со Зелената партија зависеше од поддршката на двете помали партии од десниот центар и од Левата партија.
Во последните месеци, пак, позицијата на социјалдемократи е сериозно разнишена, што се искажува и во резултатите на истражувањата на јавното мнение меѓу шведските граѓани. Поради тоа, самиот Лофвен во август изјави дека на партијата ѝ е потребен нов лидер пред изборите во 2022 година.