ЧЕШКА И СЛОВАЧКА НЕ ОСТАПУВААТ ОД БЛОКАДАТА НА БУГАРСКИТЕ БАРАЊА, ЗА ЗАЕВ СЕ УШТЕ ИМА НЕШТО ЕВРОПСКО ВО ЕУ

Македонија ќе ја заврши годината пред европската врата, проширувањето останува под блокада. Денеска на дневен ред на амбасадорскиот состанок во Брисел под точката Разно повторно беше ставено проширувањето на ЕУ, но ветото од Чешка и Словачка врз германскиот предлог за погрешно толкување на историјата, останува.
Следниот состанок ќе биде идната година под палката на Португалското претседателство, а 2020та ќе остане како година, запаметена, без усвоени заклучоци за проширување.
Од чешкото Министерство за надворешни работи денеска појаснуваат дека остануваат на ставот дека бугарските барања околу погрешно толкување на историјата се штетни за процесот на проширување на ЕУ.
– Чешката Република отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување, Главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро. Сепак, сегашниот текст може да има спротивен ефект. – велат од МНР на Чешка.
Дипломати за МИА велат дека потезите на Чешка и Словачка не се примени со незадоволство во Брисел, напротив се изразува разбирање за нивниот став, освен во Софија.
И Заев денеска ја прокоментира блокадата од Прага и Братислава како позитивен чекор и кажа дека му е драго што се уште има европско во ЕУ.
– Ова го кажувам малку со горчина, оти ако некој заслужил да добие поддршка за следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Република Северна Македонија, македонскиот народ и сите наши граѓани кои живеат во нашата земја. ЕУ не смее да ги изгуби европските вредности и принципи. Во тој дух, се надевам дека Европа ќе продолжи да го испраќа европскиот сигнал кон нас земјите кандидати за членство во ЕУ, затоа што немаме друга алтернатива. – изјави Заев.
Тој повтори дека разговорите со Бугарија продолжуваат, а македонскиот јазик и идентитет не се дискутира, и чека фидбек од Софија за македонскиот нон пејпер кој Бучковски му го врачи на Борисов.
Но, Софија со други потези. Вчера испрати писмо до 26те земји членки на ЕУ и се жалеше за неочекуваната блокада на заклучоците од Чешка и Словачка. Бугарското МНР објави дури и соопштение во кое вели дека Прага и Братислава го нарушуваат кредибилитетот на ЕУ.