Четириесет години од смртта на Тито: залудно потрошен живот?
Би можело да се помисли дека периодот поминат од смртта на Тито, 4 мај 1980 година, е доволен за дистанца. Теориски, страстите би требало да се смируваат. Се покажува дека митовите за лошиот болшевик или добриот татко на југословенската неврзана, самоуправна, братско–единствена заедница, се лице и опачина на истиот феномен.
Сирачињата на Тито
Да почнеме од тој мај, 1980 година. Во Сплит, на стадионот „Пољуд“, репортерот на Радио-телевизија Белград, Миломир Јасниќ, со камерата ги бележи оние неколку минути кои ќе стигнат на сите светски телевизии: веста од разгласот на стадионот „почина другарот Тито“ ги потресе до срж фудбалерите на „Ѕвезда“ и „Хајдук“ и 50-те илјади гледачи на трибините. Тогаш од илјадниците грла се слушна песната со заветот: „Друже Тито, ми ти се кунемо, да са твога пута не скренемо!“
Целата југословенска нација, за која нејзините етнички составни делови подоцна хорски ќе тврдат дека никогаш и не постоела, беше соединета во чувството на загуба. Дали тогаш знаевме по кого тагуваме? Признавам – јас не знаев. Милиони граѓани беа држани во состојба на политичка инфантилност. Службената историографија и биографиите ги премолчувале важните детали од животот на Тито. Но солзите на тие луѓе, од кои денес некои се срамат, не беа лажни.
Постојат 15 различни податоци за датумот на раѓање на Јосип Броз, при што најчестиот е 7 мај 1892 година. Семејството во Загорје од денешниот регион Тренто, на северот на Италија, доаѓа во 16-иот век. Тоа подрачје тогаш ѝ припаѓало на Австрија и имало мешано германско и италијанско население. Така, по таткото Фрањо, Јосип Броз е Хрват со италијанско–германски корени, а по мајката Марија е Словенец.