ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Црна Гора и Босна и Херцеговина најавуваат приклучување на Отворен Балкан

На самитот на „Отворен Балкан“, кој денеска започна во Охрид, како гости за првпат учествуваат и Црна Гора и Босна и Херцеговина, за кои како што истакна премиерот Димитар Ковачевски, верува оти во иднина ќе станат дел од оваа успешна иницијатива. Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, побара согласност од Претседателството на БиХ за пристапување на земјата во регионалната иницијатива. И црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој ја поддржа иницијативата, присуствува во улога на набљудувач.

Македонскиот премиер Ковачевски посочи дека на Самитот на Отворен Балкан ќе бидат склучени нови соработки во областа на туризмот, културата, образованието и царинскиот проток, кои се од огромно значење за компаниите и граѓаните од регионот.

„Со секоја нова средба на членките и пријателите на Отворен Балкан обезбедуваме посилна соработка, олеснета комуникација и подобри услови за развој на економијата. На мое големо задоволство на овој самит гости ни се и Црна Гора и Босна и Херцеговина кои верувам дека во иднина ќе станат дел од оваа успешна иницијатива“, истакна Ковачевски.

Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Тегелтија, кој присуствува на Самитот, во пресрет на доаѓањето во Охрид, прати писмо до државното претседателството во кое побара да се разгледа и даде согласност за пристапување на БиХ во „Отворен Балкан“ за, како што навел, граѓаните и бизнис заедницата во државата да не бидат единствени во регионот кои ќе бидат надвор од иницијативата. Информацијата ја објави агенцијата „Срна“, повикувајќи се на извори од Кабинетот на Претседавачот со Советот на министри на БиХ.

И косовскиот премиер Албин Курти беше поканет да присуствува на Самитот во Охрид, но тој ја одби поканата од македонскиот премиер Ковачевски, упатувајќи му писмо во кое било посочено, како што јавија косовските медиуми, дека „Косово е посветено на Берлинскиот процес“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ најавувајќи го доаѓањето на Самитот во Охрид, оцени дека „Отворен Балкан“ донел значителни придобивки за сите три земји учеснички (Србија, Албанија и Македонија) и дека тој е отворен за сите.

„Абазовиќ и Тегелтија доаѓаат како набљудувачи. Доста ми е од тоа молење, имаме Отворен Балкан, Србија, Северна Македонија и Албанија се тука, кој сака да се приклучи, сака, а кој не, не ми паѓа на памет да молам“, изјави Вучиќ.

Среќен е, како што додаде, поради зборовите што ги слушнал од Сергеј Лавров за Отворен Балкан, но и поради тоа што Габриел Ескобар ќе се обрати на Самитот, додавајќи дека САД од почетокот ја поддржувале иницијативата „Отворен Балкан“, за разлика од Европа.

Албанскиот премиер Еди Рама, во пресрет на Самитот, изјави дека реализацијата на проектот Отворен Балкан е од витално значење и подразбира имплементација на четирите основни европски слободи на Западен Балкан – движење на стоки, луѓе, капитал и услуги.

„Овие четири слободи на движење се она што е од витално значење за нас, она што е од витално значење за безбедноста во овој регион и што е важно за мирот и решавањето на конфликтите во овој дел од Европа“, истакна премиерот на Албанија.

Во рамки на иницијативата за формирање на заеднички пазар на трудот, Ковачевски, Вучиќ и Рама треба да потпишат Договор за заемно признавање дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции. Во текстот се прецизира дека дипломите ќе подлежат на директно признавање.

Во текстот на Меморандумот за разбирање, кој ќе биде потпишан, пак, се наведува дека потписниците ја разгледале „зголемената важност „за соработка во борбата против даночното затајување. Во членовите на Меморандумот, потписниците се обврзуваат да ја поттикнат мобилноста на културните работници и продлабочувањето на институционалната соработка. Договорните страни наведуваат дека ќе се обидат да ги усогласат критериумите и да го зголемат бројот на конкурси за финансирање културни проекти. Со Меморандумот за разбирање во областа на туризмот на Западен Балкан, кој треба да се потпише во Охрид, се предвидува формирање на туристичка карта наречена „Отворен Балкан“.

(И.С.)

Премиерот Ковачевски ги пречека лидерите од регионот 

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како домаќин на дводневниот Самит на Отворен Балкан во Охрид, ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соосновачи на оваа иницијатива. Годинава за првпат како набљудувачи учествуваат и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, како и Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. Меѓу учесниците е и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, а со видеопорака се обрати и заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар.

Првиот ден имаше панел сесии за туризам и култура. Воведничар на сесијата за туризам беше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, како и со министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро Фурхи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ, дискутираа за придобивките од иницијативата и мерките кои ќе се преземат за развој на туризмот на регионално ниво. На сесијата беа присутни претставниците на бизнис заедницата од земјата и регионот, а свои обраќања имаа и претседателите на коморите Бранко Азески, претседател на Стопанска комора, Марко Чадеж, претседател на Стопанска комора Србија на Србија и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.

На панел сесијата на тема „Отворен Балкан отвора култура”, воведни зборови имаше вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, со Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија дискутираа за важноста на културата во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.