ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Царовска на состанок со директорите на училиштата: Подготвени сме за успешна учебна година и спроведување на реформите според планот

Министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска одржа редовен координативен состанок со директорите на основните училишта, на којшто беше заклучено дека училиштата се подготвени за започнување на новата учебна година од први септември годинава по новата Концепција и според потребните здравствени протоколи. Реформските процеси започнуваат да се спроведуваат во прво и четврто одделение од почетокот на оваа учебна година.

„Како што веќе сте запознати, во тек е дистрибуцијата на новите учебници за прво одделение до училиштата, пишувани според новата наставна програма. Навреме ќе бидат достапни и дигиталните материјали за учење за 4-то одделение кои ќе бидат само уште една алатка повеќе во успешното совладување на материјалот. За првпат имаме и навремена испорака на учебниците за останатите одделенија кои ги побараа училиштата согласно договорите, а се однесуваат на останатите одделенија кои годинава не се опфатени со реформата“, рече Царовска.

Министерката со директорите разговараше и за опремувањето на кабинети по природни науки во училиштата кое е во тек, но и за обезбедувањето на потребните дидактички помагала во рамките на самите училници.

„Во училиштата се поставуваат интерактивни табли кадешто учениците ќе може да ги гледаат содржините кои се предаваат. Исто така, МОН набави 10.000 таблети за учениците од социјално загрозените семејства од четврто одделение и 3.000 се веќе како што знаете дистрибуирани до вас“, рече Царовска.

Целта на реформите е да обезбедат современо и квалитетно образование за секое дете. Затоа освен, дигитални материјали за првпат во образовниот процес се воведуваат и инклузивни материјали за учење како што се учебници со Брајово писмо во аудио формат.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.