ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Хелсиншки: Внесувањето графа за етничка припадност го редефинира значењето на личната карта

Актуелната јавна дебата по предлог-измените на Законот за личната карта, со кои се предвидува внесување на етничката припадност на граѓаните во личните карти, отвори значајни прашања од општествен, уставен и интеграциски карактер. Имено, видно од членот 1 на постоечкиот закон, личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството и адресата на граѓанинот. Оттаму, внесувањето графа за етничка припадност го редефинира значењето на личната карта со тоа што го подрива граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот и ја предизвикува интеграцијата на државата во Европската Унија заради тоа што ниту една земја членка на Унијата нема воспоставено ваква практика, соопштија од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Иницијативата за измена на Законот за личната карта датира уште од септември 2020 година, кога Министерството за внатрешни работи предложи неколку измени до Собранието заради усогласување на овој закон со Законот за прекршоците. Сепак, кон крајот на јануари и почетокот на февруари 2021 година, во Собранието на Република Северна Македонија од страна на повеќе политички партии беа поднесени амандмани на предлог законот за изменување на Законот за личната карта. Во јавноста, главниот фокус го добија токму амандманите во насока на предлогот за внесување на графа во личните карти за етничката припадност на граѓаните. Имајќи предвид дека реакциите на овие предлози се движат во опсегот од целосно противење, до прифаќање на задолжително или опционално внесување на етничката припадност во личните карти, вреди да се согледа националното и меѓународното законодавство за да може да се даде правен осврт и мислење за наведениот предлог.

Согласно член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот, дел од темелните вредности на уставниот поредок се: слободното изразување на националната припадност и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.

Токму во средиштето на членот 8 став 1 алинеја 2 од Уставот веројатно треба да се бараат мотивите на предлогот за внесување на етничката припадност на граѓаните во нивните личните карти. Предлагачот најверојатно ги имал на ум огласите за вработување во јавната администрација, за кои согласно Законот за државните службеници, и Законот за вработените во јавниот сектор, еден од условите на огласот е наведување на етничката припадност на кандидатот, која за конкретното работно место ја дава таканаречениот балансер. Досега поведени се десетици постапки пред судовите, во кои одбиените кандидати како тужители, меѓу другото барале да се утврди незаконитост на постапката за вработување. Сепак судската пракса е едногласна. Слободното изразување на етничката припадност е израз на лично убедување и претставува уставно загарантирано право.

Истовремено, правичната застапеност на сите заедници во органите на државната власт е уставно загарантирано право. Но тука се поставува прашањето, дали внесувањето етничка припадност во личните карти го помогнува или одмогнува овој процес. Конкретно, се поставува прашањето дали внесувањето етничка припадност во личните карти, во светло на темелната уставна вредност – правична застапеност, всушност ја вулгаризира оваа уставна вредност, затоа што се стреми да ја претвори во ригидна математичка застапеност, при што задолжителното изјаснување за етничката припадност при внесувањето на податоците во личната карта, ќе значи еден вид запечатена писмена изјава за етничката припадност, што понатаму ќе ги спречи судовите да го толкуваат слободното изразување на националната припадност во либерално-демократскиот дух на уставот.

Впрочем, не постои ниту една пречка која во моментов ги спречува институциите да обезбедат правична застапеност и да спречат злоупотреби,а нема ниту една гаранција дека предложените измени ќе ја подобрат меѓуетничката кохезија.

Конечно, имајќи ја предвид процентуалната застапеност на помалите етнички заедници во вкупното население на Република Северна Македонија, јасно е дека т.н балансер ретко дава податок дека за одредено работно место е предвидено вработување на припадник од помалите етнички заедници (Турци, Власи, Роми, Бошњаци, Срби итн.). Имајќи ја предвид социоекомомската состојба во државата, па оттаму и примавливоста на вработувањето во органите на државната управа, се поставува прашањето дали задолжителното внесување на етничката припадност во личните карти ќе значи всушност отворена врата за автоасимилирање на помалите етнички заедници и нивно постепено претопување во двете доминантни етнички заедници.

Дополнително, во делот на правичната застапеност на заедниците постои впечаток дека помалите етнички заедници се само набљудувачи на процесот, имајќи предвид дека меѓуетничките односи во јавниот дискурс доминантно се претставени како односи меѓу двете најголеми етнички заедници. Конкретно, иако декларативно се прогласува декада на Ромите, сепак за оваа маргинализирана етничка заедница, позитивната дискриминација во никој случај не може да биде исполнета со наведувањето на нивната етничка припадност во личните карти. Напротив, речиси секоја година се нотираат примери на полициска бруталност и дискриминација врз Ромите, токму заради нивната етничка припадност. Затоа, разбирлива е негативната реакција на ромските здруженија кои веќе изразија загриженост за последиците кои можат да произлезат од овој предлог-закон“,се вели во соопштението на Хелсиншки.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.