(ФОТО и ВИДЕО) Германските политичари огорчени поради нападот на демонстрантите врз парламентот
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и претставниците на речиси сите парламентарни партии најостро во неделата ги осудија инцидентите за кои е обвинета екстремната десница и обидот за пробивање во зградата на Бундестагот на крајот од протестите против мерките воведени во напорите да се спречи ширењето на коронавирусот во саботата рано вечерта.
„Знамињата на германскиот Рајх и инцидентите на екстремната десница пред Бундестагот претставуваат неиздржлив напад врз срцето на нашата демократија. Тоа никогаш нема да го прифатиме“, се истакнува во писмената изјава на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Притоа ѝ се заблагодарува на полицијата која „во тешката ситуација делуваше присебно“. Штајнмаер порача дека кој и да сака да се пожали на мерките кои се носат во борбата против ширењето на пандемијата на коронавирусот тоа може да го прави со демократски средства како што се протестите.
„Моето разбирање за критиките меѓутоа престанува во оној момент кога демонстрантите дозволуваат да бидат злоупотребени во полза на непријателите на демократијата и политичките подбуцнувачи“, порачува Штајнамер.
Од инцидентите на дел од демонстрантите огорчен е и претседателот на Бундестагот, Волгфанг Шојбле, кој побара брзо расветлување на околностите под кои воопшто можело да дојде до нападот врз зградата на Рајхстагот во која заседава германскиот парламент Бундестагот.
„По овие сцени веројатно и на последниот му стана јасно дека постојат граници на достоинството и спознавањето за тоа со кој се протестира. Никој не може да биде ослободен од одговорноста во случај на инструментализирање од страна на екстремистите“, изјави Шојбле за службената новинска агенција DPA.
Министерот за внатрешни работи и поранешен премиер на Баварија, Хорс Зехофер, исто така, остро го критикуваше однесување на дел од демонстрантите.
„Зградата на Рајхстагот е местото на работа на нашиот парламент, а со тоа и симболичен центар на нашата слободна демократија. Неприфатливо е тоа што оваа зграда за свои цели ја искористија екстремистите и оние чијашто цел е предизвикување хаос“, вели Зехофер во изјавата за весникот Bild am Sonntag.
Министерот за надворешни работи Хеико Маас преку Twitter порача дека виорењето на знамето на Германскиот Рајх пред зградата на Рајхстагот било „срамотно“.
Инцидентите пред Рајхстагот се случија на крајот од протестите против корона-мерктие на кои се собраа близу 40.000 луѓе во Берлин. На видео-снимиките на интернет се гледа како повеќе стотици лица се обидуваат по скалилата да дојдат до главниот влез во зградата. Собраните, покрај знамињата на Германскиот Рајх, носеа и американски и руски знамиња и транспартент со ликовите на Доналд Трамп, Владимир Путин, Џон Кенеди, Нелсон Мандела, Мартин Лутер Кинг и други светски личности од политиката.
На протестите во Берлин се бараше и оставка од германската влада поради ускратувањето на слободите, преку рестриктивните мерки наметнати во услови на пандемијата.
Берлинската полиција соопшти дека во текот на нападот пред зградата на Рајхстагот имало само неколку полицајци. „Ние не можеме да бидеме насекаде во исто време“, изјави портпарлот на берлинската полиција, Тило Каблитц.
Целодневните протести ги обезбедувале околу 3.000 полицајци, а во текот на денот беа приведени над 300 лица, главно по судирот во улицата пред руската амбасада во Берлин. Еден дел од протестот полицијата го прекина во саботата претпладнето, поради непридржување на санитарните мерки за растојание и носење маски.