ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Филипче: Утре се пушта сајтот за вакцинација, секој може да се пријави

Оние граѓани кои не се во можност сами да се пријават, тоа може да го направат преку матичните лекари.

Секој граѓанин кој сака да се вакцинира ќе може да се пријави електронски на сајтот од министерството за здравство кој ќе почне да функционира од утре, најави министерот за здравство Венко Филипче по денешниот работен состанок во Поликлиниката Бит Пазар каде ќе се чуваат вакцините против Ковид-19.

-Додека пак на сајтот буквално секој може да се пријави. Системот сам ќе генерира приоритети, што значи дека ќе ги прими податоците дури и за помладите кои немаат хронични болести, а кои изразуваат волја за вакцинација и тогаш кога ќе дојде редот за вакцинација ќе им стигне известување соодветно. Значи, волјата се изразува еднаш преку регистрација на сајтот, појасни Филипче

Оние граѓани кои не се во можност сами да се пријават, тоа може да го направат преку матичните лекари.

Во Скопје е предвидено да вакцинираат по околу 1.400 луѓе дневно во сите седум поликлиники, како и во Клиничкиот центар. Вакцинацијата во другите градови ќе се спроведува во вакциналните пунктови, по примерот на вакцинацијата за сезонски грип, во согласност со капацитетот и кадарот на секоја болница. Досега се пријавени 4.000 здравствени работници од кои околу 2.000 се во Скопје, а другите се од градовите низ земјава.

-Денеска разговаравме за тоа како ќе бидат организирани пунктовите за вакцинација во Здравствениот дом во Скопје – во поликлиниките во Ченто, Букурешт, Јане Сандански во две смени. По една смена ќе работат пунктовите во поликлиниките Ѓорче Петров, Млин Балкан и сите 7 поликлиниките ќе бидат активни. Капацитетот за вакцинирање во скопските поликлиники на ден изнесува 880 лица и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје”, потенцираше министерот Филипче.

Директорот на Здравствениот дом во Скопје д-р Виктор Исјановски рече дека работното време во трите поголеми поликлиники Букурешт, Јане Сандански и Чаир ќе биде во периодот од 08:00 до 20:00 часот.

-Оние деца коишто се претшколска или школска возраст ќе бидат упатувани од сабајле во Поликлиниката Ѓорче Петров или пак ќе бидат упатувани во амбулантата во Карпош, за да не бидат децата загрозени и тој тип на имунизација да продолжи и понатаму. Останатите 4 поликлиники ќе работат во попладневните часови, со капацитетите со кои располагаме. Мислам дека 22 позиции се доволни во овој момент да опфатиме, изјави д-р Исјановски.

Вакцинацијата во земјава ќе стартува со кинеската вакцина, за која вчера беше потпишан договор за набавка на 200.000 дози. Кога ќе стасаат вакцините уште не се знае. Министерот Филипче денеска кажа дека за многу кратко време ќе го знаеме датумот кога ќе стигнат во земјава.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.