ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Филипче за 1 Мај предлага продолжен полициски час, од четврток до понеделник

Комисијата за заразни болести смета дека за претстојниот продолжен викенд за Денот на трудот треба да има продолжен полициски час како што беше за велигденските празници – од четврток вечерта до понеделник наутро. Овој предлог утрово го доставил до Координативниот кризен штаб на Владата, министерот за здравство Венко Филипче.

„На утринскиот состанок на штабот јас го изнесов мислењето од состанокот на Комисијата за заразни болести, која со консензус смета дека треба викендов да биде повторно целосно затворен, како што беше за Велигден, од четврток навечер до понеделник наутро. Но, да нема забуна, тоа е само предлог, утре на владина седница ќе се донесе конечна одлука, “

изјави Филипче.

Тој се осврна на ставот на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, кој на Фејсбук информираше дека предложил викендов да нема продолжен полициски час, бидејќи смета дека тоа негативно ќе се одрази на граѓаните.

Според Филипче, предлогот за продолжување на забраната за движење се темели на стручни мислења и има медицинска издржаност.

„Видов реакции на министерот Чулев, сметам дека не треба да станува збор за било какво лично мислење или некаква тенденција да се пренесе некакво мислење или став или желба на било која група на граѓани, затоа што сите овие мислења се темелат на стручните мислења на Комисијата за заразни болести.  Секако граѓаните не сакаат да седат дома, но има причина зошто тоа е предложено“,

изјави Филипче.

Кратко пред прес-конференцијата на Филипче, Владата ги демантираше написите во одредени портали кои пишуваа дека утрово имало „жестока расправија“ во Владата, бидејќи Чулев се противел на предлогот за зголемување на забраната за движење за продолжениот викенд.  

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.