УЈП – Водич со постапки за сите што лани оствариле приход над милион денари
Само шест дена имаат на располагање граѓаните кои што минатата година имаа приходи над еден милион денари да го прочитаат водичот за да се информираат дали треба да се пријават како ДДВ обврзници во Управата за јавни приходи (УЈП). Првично, Управата на крајот на декември до над 10 илјади граѓани побара да се регистрираат како ДДВ обврзници, но експресно го повлече барањето. Од Министерството за финансии велат дека со објавениот водич граѓаните сами ќе се информираат кои приходи влегуваат во пресметката за која треба да платат данок по што доброволно треба да се регистрираат.
„Ние побаравме со цел граѓаните да бидат подобро информирани да можат да видат во детали многу подобро изработено во Закон, но пак почитувајќи се што е постојно законско решение, УЈП да побара увид во документи. Сега секој граѓанин ќе може покрај законот да има многу подобра информација ќе може да има увид“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.
На барање на невладините организациии како што информираше министерот ќе има и законски измени. Со нив од обврска за плаќање на данок ќе бидат исклучени невладините организации и професорите кои остваруваат приходи од менторство, но и од издавање на научни публикации. Исклучена ќе биде и научната дејност.
„Во постојниот закон наведено е образованието дека е ослободено, но невладиниот сектор посебно бараше да биде има допрецизирање за одредени видови на менторирање. На пример, менторства на магистерски и докторски да бидат јасно наведени дека се дел од тоа осободување“, додава Тевдовски.
Според Законот во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и слично.
Приходите остварени од изнајмување на станови за домување како и за ИТ услуги во странство не влегуваат во регистрација за ДДВ обврзник. Граѓаните кои што оствариле приходи над еден милион денари по овој основ заклучно со 15 јануари треба да се регистрираат во УЈП како даночни обврзници.