Умре Џорџ Буш Постариот, 41 претседател на САД
Поранешниот претседател на САД Џорџ Х.В. Буш, кој претседаваше за време на крајот на Студената војна и ја изврпи првата инвазија во Ирак, умре синоќа на 94 години. Тој беше 41 претседател на САД.
Умре во Хјустон синоќа во 22:10 по локално време, соопшти портпаролот на семејството Буш. Во април заврши во болница со сепса, но по некое време беше пуштен од болница.
„Џеб, Нил, Марвин, Доро и јас сме тажни што мора да објавиме дека по 94 исклучителни години нашиот татко почина“, напиша во изјава неговиот син Џорџ Буш Помладиот, кој беше 43 претседател на САД.
На почетокот на неговиот претседателски мандат, од 1989 до 1993, падна Берлинскиот ѕид и се распадна СССР, а подоцна ја водеше и воената акција Пустинска бура во Персискиот Залив, кога ја порази војската на Садам Хусеин.
Тој беше член на Републиканската партија, а пред да стане претседател на САД беше потпретседател во двата мандати на претседателот Роналд Реган од 1981 до 1989 година, амбасадор на САД во Обединетите нации и директор на централната разузнавачка агенција ЦИА.