Украинските сили со голема брзина ги пробија руските линии на југот на земјата
Украинските сили го постигнаа најголемиот успех на југот на земјата од почетокот на војната со пробивање на линијата на фронтот и забрзано напредуваат по реката Днепар, заканувајќи се дека ќе опколат илјадници руски војници, пренесува „Ројтерс“.
Киев официјално не го потврди ова, но руски извори признаа дека украинската тенковска офанзива напредувала десетици километри по должина на западниот брег на реката и дека на тој пат биле освоени голем број села.
Ова ги одразува неодамнешните големи успеси на Украина на истокот на земјата, кои ја свртеа војната, иако Москва го зголеми интересот со анектирање на освоените територии, прогласување делумна мобилизација и закана со нуклеарна одмазда.
„Информациите се напнати, ајде да се изразиме така, бидејќи, да, навистина имаше пробив“ – изјави за руската државна телевизија, Владимир Салдо, проруски функционер во окупираната област Херсон.
„Има населба Дудчани, веднаш до реките Днепар и таму, во тој крај, дојде до пробив. Има населби кои беа заземени од украинските сили“ – рече тој.
Дудчани се наоѓа на околу 40 километри јужно од местото каде што пред само еден ден беше линијата на фронтот, што укажува дека ова е едно од најбрзите напредувања на украинските сили досега и убедливо најбрзото на југот на земјата, каде што руските сили беа во силно утврдени позиции, а линијата на фронтот беше главно статична уште од првите недели од инвазијата.
Киев речиси целосно молчи за ова, како што беше и во претходните големи офанзиви, иако некои официјални лица споменаа непотврдени извештаи за напредување на украинските сили.