ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Угостителите на колена пред Влада, извршителите им дишат во врат, банките им ја „цицаат крвта“

Угостителите во вторник излегуваат на протест, велат дека се во големи долгови, а банките и извршителите веќе започнале да им го одземаат имотот. Тие бараат директна неповратна помош, грантови за зачувување на работните места и за егзистенција, како и мораториум за отплата на кредитите од банките се додека Владата не им дозволи да работат без рестрикции. Инаку Владата во вторник треба да донесе одлука дали ќе продолжат рестриктивните мерки кои беа донесени пред две недели и со кој беше забранета работата на угостителските објекти.
Од Туристичко-угостителската комора и од Независната угостителска комора велат дека најавените мерки за олеснување на ефектите од рестрикциите доцнат, а роковите за мерките од петтиот пакет одамна се пробиени. Освен без помошта за плати на работниците, угостителите останаа и без ветената финансиска помош поради претходните затворања и ограничувања на работното време.
-Не постои континуитет на економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти, а веќе ни основна помош не е доволна за да преживеат луѓето кои работат во овој сектор. Бидејќи сме под закани за губење на домовите и објектите од банките и извршителите бараме еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во три категории, врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада и кои со месеци немаат никаква помош, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.
Угостителите велат дека нема повеќе простор за чекање, сите граници се поминати, а секторот е пред колапс.
-Ветената финансиска помош и поддршка за угостителите најавена како резултат на предновогодишното ограничување на работното време изостана, а повеќе од три месеци доцни и т.н. субвенција за плати од петтиот сет мерки, која можеа да ја користат и угостителите. Поради тоа, не очекуваме и не гледаме надеж и верба дека последната најавена дополнителна финансиска поддршка за угостителите би можела реално и наскоро да се реализира во рамките на потребите за угостителите. За разлика од претходно донесените рестриктивни мерки, кога препорачувавме угостителите да направат рационализација на трошоци и да ги задржат во што поголем број своите вработени, овој пат несигурни во времетраењето на донесените мерки, многумина наместо рационализација се одлучија договорно со вработените да ги раскинат работните односи, изјави за ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.
Угостителите покрај немањето сигурност во ветената помош од Владата, за разлика од лани годинава немаат веќе други можности и начини за задолжувања со цел да ги премостат или одложат финансиските проблеми во кои се наоѓаат. Велат дека извршителите им дишат во врат, а банките им ја „цицаат крвта„.
Поради забраната за работа, ограничувањето на работно време, несоодветните протоколи за работа дел од угостителите беа принудени трајно да ги затворат своите локали, а оние кој останаа да работат се презадолжени со кредити и не гледаат излез од ситуацијата. Последната поддршка по основ на т.н. субвенција за плати, која ја користеа дел од угостителите за своите вработени е исплатена во декември. И покрај сите укажувања на Владата за потребата на посебен сет мерки и финансиска неповратна помош и поддршка за угостителите од нивните ветувања досега сè уште ништо не е реализирано.
Поради лошата финансиска состојба и доцнење на државната помош на протестот на угостителите ќе се приклучат и туристичките агенции кој исто така бараат итна неповратна помош од Владата и ваучерите од кампањата „Дома си е дома“ да бидат задолжително искористени преку туристичките агенции. Бараат да се смени и одлуката за ваучерите за нереализираните патувања поради ковид-кризата, односно наместо до 31 декември годинава, важноста на овие ваучери да се продолжи до 31 декември 2022 година
Од туристичките агенции велат дека имаат пад на прометот од 80 до 100 проценти, интересот за патување е сведен на минимум, а реализацијата на направените аранжмани е неизвесна поради секојдневното менување на одлуките во државите поради пандемијата.

Ве молиме следете не и стиснете лајк
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.