Трамп го зголемува притисокот врз Кина
Во трговскиот спор со Кина американскиот претседател Трамп најави зголемување на царините за увоз од актуелните десет на 25 проценти. Преговорите за трговски договор му траеле предолго.Повторно сме среде трговска војна” е коментарот на еден трговц со акции од изутринава. Проценката на Томас Алтман од компанијата Кју Си Партнерс особено наидува на одобрение на берзите во Азија. Во Шангај берзанскиот индекс падна за речиси 5,6 проценти што е најголем дневен пад од февруари 2016.
Индексот Шензен Композит падна за 5,8 проценти, а Ханг Сенг во Хонг Конг за 2,9 проценти. Во Франкфурт не беше ништо подобра ситуацијата со Дакс индексот, само неколку минути по отворањето на тргувањето на берзата минусот беше 1,7 проценти.
Преговорите за постигнување трговски договор му се одвивале многу бавно, пиша Доналд Трамп на Твитер како образложение за новите царини. Кина се обидувала да одолговлекува, а тој тоа немало да го дозволи. Тој во изминатите недели повеќе пати го пофали текот на преговорите со Пекинг за можен трговски договор. Пресвртот затоа дојде неочекувано. Пред само неколку недели во Пекинг се одржа нова рунда преговори кои требаше да бидат продолжени неделава во Вашингтон. Дали тоа ќе се случи, сега веќе е неизвесно бидејќи Кина со оглед на новите казнени царини размислува за прекин на преговорите со САД. Кон средината на неделата кинескиот вицепремиер и главен преговарач Лиу Хе требаше да допатува во Вашингтон со 100 члена делегација. Тоа било „мошне неверојатно”, пиша главниот уредник на весникот „Глобал тајмс” чиј издавач е владеачката Комунистичка партија.
„Малку веројатно” е да има нова рунда преговори
Официјалниот став на Пекинг е дека кинеската страна работи на тоа да ја сфати ситуацијата, изјави портпарол на министерството за надворешни работи во понеделникот. Сепак кинескиот преговарачки тим се подготвувал “да отпатува во САД за преговори”. Портпаролот не прецизираше дали во патувањето ќе учествува и главниот преговарач Лиу Хе.
„Трамп буквално ја пукна тиквата”, оценува аналитичарот Џефри Хели од финансиската куќа Оанда во Сингапур. Цената на нафтата на почетокот на неделата паднала за повеќе од 2 проценти, додека пак кинеската валута Јуан за еден процент во однос на доларот.