Тешка зима чука на врата – Србија, Албанија и Македонија заедно ќе се хранат и греат

Подобро е да ја пребродиме заеднички оваа зима, отколку секој сам. Тоа е идејата на Отворен Балкан, порача македонскиот премиер Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во петокот по лидерскиот самит во рамки на иницијативата Отворен Балкан. Ковачевски рече дека соработката меѓу Македонија, Србија и Албанија не е ништо ново, бидејќи трите земји си помагаа и за време на ковид кризата и природни катастрофи и така и ќе продолжат. Потврди дека трите земји ќе соработуваат тесно за да обезбедат достапност на храна и први ќе си помагаат доколку се соочиме со недостаток. Дури и да има забрана за извоз, таа нема да важи за земјите од Отворен Балкан. Со српскиот претседател Александар Вучиќ договориле и соработка во енергетиката, меѓу српската и македонската берза на енергетика.
– Зимата пред нас која доаѓа ќе биде долга и најтешка по Втората светска војна како за нас, така и за целиот свет. Но, ако судам по сите разговори денес подобро е да ја пребродиме заеднички отколку секој да ја пребродува самостојно. Тоа е суштината на Отворен Балкан – поврзување, солидарност, добрососедство, се во функција на подобрување на животот и стандардот на граѓаните. Ако заедно работиме на капацитети за обновлива енергија, ќе постигнеме стабилност во сите земји. Имаме капацитети за производство на електрична енергија, но имаме недостиг на суровини, затоа потпишавме договор што ќе овозможи навремена набавка. Поединечно доколку настапуваме пред светскиот пазар сме послабни, но како регион имаме поголема можност за привлекување на странски инвеститори. Затоа потенцијалите за поврзување на регионот беа една од точките за кои разговаравме, рече Ковачевски.
Македонија, Србија и Албанија целосно да ги кренат рампите
Претходно, на отварањето на лидерскиот Самит Отворен Балкан во Белград, Ковачевски порача дека Македонија, Србија и Албанија треба целосно да ги кренат рампите меѓу себе.
-Сакам да завршам со адресирање на едно прашање кое го гледаме цело лето на границите меѓу Србија и Северна Македонија, помеѓу Северна Македонија и Албанија. Ние сме веројатно единствениот регион во светот особено во Европа кој има граници меѓу себе и јас никако не можев да разберам во минатите години кога претставници на држави кои меѓу себе немаат граници доаѓаат и ни финансираат проекти за унапредување на граничното управување и затоа сметам дека наша цел треба да биде комплетно укинување не само на административните бариери на границите меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија туку и комплетно кревање на рампите и правење на регион којшто 100% комуницира меѓу себе по сите основи, рече македонскиот премиер.
Забраните за извоз нема да важат за земјите од Отворен Балкан