ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Техничката влада донесе оперативен план за вработување за 2020 – За опозицијата тие се китат со нивни перја

Оперативниот план за вработување годинава тежи скоро 23 милиони евра. Со буџетски пари ќе се доквалификуваат или преквалификуваат речиси 12.000 невработени, кои потоа би требало полесно да се вработат. Со мерките од оперативниот план, освен обуки за различни вештини на невработените, се поддржуваат и старт-ап бизнисите, како и самовработувањата.

“Оперативниот план за 2020 година е прилагоден на современите барања и потреби на компаниите. За таа цел, значајна сума од средствата се издвојуваат за субвенционирање на плати, вработување и раст на компаниите, за обуки во информатичката технологија и други видови обуки кај работодавачите”, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Според власта, мерките од Оперативниот план се креирани според потребите на бизнис секторот. Целта е невработените полесно да дојдат до работа, а компаниите да добијат квалификувани кадри.

“Преку оперативните мерки за вработување во нашата држава обезбедуваме поголема вработливост кај сите невработени лица, стимулирајќи ги тие да се преквалификуваат и доквалификуваат, како физички лица од една страна, а од друга страна компаниите да апсорбираат одредени мерки, со кои што ќе може да ги вклучат овие невработени лица на пазарот на труд”, вели вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Додека владејачката партија тврди дека оперативниот план го подобрува стандардот на граѓаните и придонесува за спречување на иселувањето на младите од земјава, опозицијата тврди дека власта не направила ништо во таа насока.

“Царовска и Спасовски денес признаа дека најуспешните мерки на Владата на СДСМ се оние кои што ги воведе претходната Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Споменатите мерки на Агенцијата за вработување за доквалификација, старт-ап бизниси и самовработување, се мерки што ги реализираше и ги воведе Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Добро е што конечно во СДСМ се буди свеста дека изминатите три години немаат ниту еден проект, ниту пак мерка со која ќе се подобри животот на граѓаните”, пишува во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

На презентацијата на оперативниот план за вработување не беше присутна министерката за труд од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мизрахи, туку нејзината дополнителна заменик министерка Шкријељ.

“Оваа мерка е на владата, тука е премиерот, вицепремиерката, луѓе кои работеа на донесување на Оперативниот план за вработување за 2020 година, кој што бараше анализа во изминатите шест месеци”, образлижи вицепремиерката Царовска.

Инаку, од формирањето на техничката влада во речиси сите јавни настапи министерката и заменичката во Труд и социјала повикуваат на соработка и професионален однос за доброто на граѓаните.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.