ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Телефонскиот повик на Трамп во Џорџија веројатно е кривично дело, велат експертите

Но речиси сигурно нема да биде гонет, велат тие.

Кога Вашингтон пост го објави текстот со протечениот телефонски повик на Трамп до државниот секретар на Џорџија, весникот истакна дека американскиот претседател можеби лизга на тенок мраз, правно кажано, со обидите да го натера Бред Рафенспергер да намести пораз на Џо Бајден во државата. Еден професор по право рече дека иако може да биде тешко да се докаже дека претседателот знаел дека поттикнува на однесување што всушност е незаконско, сепак е јасно дека Трамп веќе ги преминал сите граници.

Политико разговарал со правни експерти и законодавци, кои велат дека барањата на Трамп „можеби се прекршување на федералните и државните статути за заштита од заговарање изборна измама“.

Поточно, велат тие експерти, проблематичните делови од разговорот се Трамповото повикување Рафенспергер да го „најде“ точниот број на гласови со кои би избил пред Бајден во државата, плус неговата импликација дека Рафенспергер и неговите соработници би можеле самите кривично да одговараат затоа што не пријавиле таканаречено мешање во изборите (иако нема докази за такво мешање.)

Њујорк тајмс вели дека иако многумина од адвокатите со кои тие разговарале се согласиле дека Трамп или го прекршил законот или се приближил до тоа, всушност неговото судско гонење би било тешко остварливо. Еден адвокат забележува дека Трамп може да укаже на фактот дека тој не се обидел да скрие што прави како доказ дека немал намера да крши никакви закони, или дека не сфатил дека постои федерален закон што може да го забранува тоа што тој го прави.

Сепак, некои демократи повикаа на истрага, а се јавија дури и републиканците, истакнувајќи дека се загрижени дека обидот на Трамп да „посее сомнеж“ за изборите „ја поткопува вербата на Американците во демократијата“.

Протекувањето на снимката се случи пред седмица со големи политички настани: вториот круг во Џорџија, кој ќе одреди која партија ќе го контролира Сенатот, е во вторник, а Конгресот в среда ќе ги потврди резултатите од претседателските избори. Најмалку десетина новоизбрани и сегашни републикански сенатори, плус повеќе од 100 републикански претставници, планираат да го оспорат потврдувањето.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.