Талибанците го освојуваат Кабул без отпор од владините сили – 100 македонски државјани се наоѓаат во Авганистан
Талибанците денеска влегоа во предградијата на Кабул и велат дека чекаат „мирен трансфер“ на авганистанската престолнина, откако ветија дека нема да го заземат со сила. Според официјални извори, талибанските претставници преговараат со претседателот Ашраф Гани за предавање на власта.
Очевидци тврдат дека речиси немало никаков отпор кон напредувањето на Талибанците, кои им наредија на своите војници да се воздржат од насилство и да дозволат безбедно напуштање на градот за сите кои сакаат да заминат.
Талибанскиот портпарол за Ал Џезира во Катар изјави дека тие очекуваат мирен трансфер на Кабул, но одби да даде детали за евентуални преговори со владата.
Пред само неколку дена, американската војска процени дека на Талибанците ќе им треба еден месец пред да стигнат до Кабул. Американскиот претседател Џо Бајден ја брани одлуката за напуштање на Авганистан велејќи дека тој не може да оправда „бесконечно американско присуство“.
Светот со ужас го гледа резултатот на уште еден историски експеримент на Вашингтон, изјави, пак, портпаролката на руското министерство за надворешни работи во врска со најновиот развој на настаните.
По навлегувањето во Кабул, Талибанците официјално објавија дека ја контролираат целата територија на Авганистан, а светските медиуми коментираат дека земјата е вратена во 2001-та година.
Во Авганистан во моментов има околу 100 македонски граѓани и сите се наоѓаат на безбедни локации, велат од македонското МНР. Дел од нив веќе и се заминати од земјата.
„Според последните информации кои ги добивме, компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен”, соопштуваат од Министерството.