Талат ги заклучи пратениците – за доброто на граѓаните!

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, денеска, најави интерпелација на претседателот на Собранието, Талат Џафери, поради неговата наредба за заклучување на пратениците во пленарната сала вчеравечер. Пратениците од најголемата опозициска партија сметаат дека ова дејствие на Џафери е кривично дело. Идентичен став имаат и од Левица, кои веднаш по скандалот понудија поддршка за покренување на интерпелација. Кабинетот на претседателот на Собранието, денеска реагираше дека вратите на салата биле затворени, согласно Деловникот, за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Од СДСМ сметаат дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ намерно прават скандали со намера да предизвикаат инциденти во Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски прашан дали ја осудува постапката на Џафери, рече дека тој не може да му нареди на Собранието како ќе го спроведува Етичкиот кодекс.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, посочи дека откако пратениците вчеравечер беа заклучени во сала по наредба на Џафери, Собранието се претворило во „институција заробена од еден автократ“.
„Веќе е кристално јасно дека Собранието не е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден автократ којшто си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина, не почитувајќи никаков Деловник и пред сè крши основни човекови права“, изјави Мицевски.
Џафери, додаде тој, со своите диктаторски методи не смее повеќе да го води законодавниот дом.
„Овој човек нема почит спрема никого, ниту кон собраниската служба која ја навредуваше и пцуеше на најбезобразен начин, ниту кон пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала. Ова се крици на еден немоќен и неспособен човек кој не може да изгради сопствен авторитет ниту кај службата ниту кај пратениците и затоа не знаејќи што да прави се дрзнува насила да спроведува режим“, рече Мицевски, додавајќи дека, според него, сето ова се случува со амин и знаење на СДСМ, кои секојдневно ги бранат постапките на Џафери, сакајќи најлошиот претседател на Собранието во историјата да го претстават како најдобар.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ посочија дека собранискиот спикер Џафери сторил кривично дело, држејќи ги како заложници во собраниската сала. Со сличен став и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на социјалните мрежи констатираше дека ваквата постапка е кривично дело и повика на интерпелација, истакнувајќи дека заедно со пратеникот Крмов се спремни да ја почнат оваа постапка.
Кабинетот на претседателот на Собранието денеска реагираше дека вратите на салата биле затворени, согласно Деловникот, за да можат собраниските служби да утврдат дали има кворум за да се премине на гласање.
„Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека претседателот Џафери сторил нешто надвор од своите надлежности. Според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници. Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање“, стои во соопштението од Кабинетот.
Оттаму, потенцираат дека сосема јасно е дека претседателот на Собранието во ниту еден момент не го прекрши Деловникот во текот на продолжението на 71. седница, туку дека тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година. Претседателот на Собранието нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ на таков начин да ја девалвира парламентарната демократија во земјава. Претседателот на Собранието досега и во иднина ќе продолжи да работи согласно Деловникот, Уставот и законите, во интерес на граѓаните, се вели, меѓу другото, во соопштението од Кабинетот на собранискиот спикер.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, денеска го повика претседателот на Владата да го осуди однесувањето на Џафери и праша зошто неговиот сопартиец од СДСМ Панчо Минов не ја закажува седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања по пријавата од пред две недели на ВМРО-ДПМНЕ за однесувањето на Џафери.
-Ако не побарате од Минов да свика седница, а од Талат Џафери оставка, ќе покажете дека Етичкиот кодекс е мртов и дека повеќе не важи, рече Ковачки на седница посветена на пратенички прашања.
Претседателот на Владата Ковачевски во одговорот рече дека пристојноста во однесувањето нему му значи и тоа зависи од секој човек на кој начин комуницира. Во однос на барањето за седница на Комисијата, одговори дека парламентарните седници не ги закажува премиерот.