ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Судијата Илија Трпков: Не ѝ судиме на ВМРО-ДПМНЕ, насилниот упад не е патриотизам

Во случајов, како што потенцира судијата Илија Трпков, не ѝ се суди на политичка партија, како што имало обвинувања во текот на процесот, туку на обвинети кои сториле кривично дело. 

Насилниот упад не е демократија, ниту патриотизам, рече судијата Илија Трпков кој денеска ја обзнани пресудата за четворицата поранешни функционери на ВМРО- ДПМНЕ, осудени во судскиот процес за организирање на настаните од 27 април во законодавниот дом.

– Настаните од 27 април се голем удар врз демократијата и затоа зачудува фактот обвинети лица да се карактеризираат како патриоти затоа што во три децениското постоење на Собранието се носеле закони и прописи за кои јавноста коментирала, но тоа не значи дека треба да се крши и оштетува законодавниот дом и да се влезе насилно – рече судијата Трпков.

Тој обајсни дека во јануари 2020 година го примил предметот за настаните од 27 април во кои како главен организатор е Груевски кој не е достапен на органите на прогонот и дека предметот го разбрал како предизвик, со кој, како што рече, нашето судство има капацитет да донесе пресуда која ќе ја ценат и повисоките судови.

Во текот на образложението на судската одлука судијата Трпков потсети и на тоа дека во овој судски процес имаше повеќе од 100 сведоци и објасни дека тоа го дозволил затоа што е право на одбраната.

– Но, како да им поклонам верба на нивните искази кога тврдеа дека ВМРО-ДПМНЕ немала врска со организацијата на протестите на „За заедничка Македонија“, а овде беа изведени докази од телефоните на обвинетите како организираат и повикуваат луѓе –  рече судијата кој прочита неколку смс пораки што поранешната министерка Елизабета Канческа Милеска ги разменила со обвинетите Ристовски и Јанакиески.

Судијата прочита смс во која Јанакиески праќа порака  да се качат во прес салата каде бил тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев и дека, ќе било полн погодок ако како говорник се обезбеди Владо Јовановски, актерот.

СМС пораките, додаде судијата Трпков, не одат во правец на одбраната на Јанакиески и Ристовски и се спротивни на нивните искази.

Според судечкиот совет само со добро испланирана организација може да се влезе во законодавниот дом и дека при донесувањето на одлуката советот се водел исклучиво според доказите кои биле до детали анализирани. Во случајов, како што потенцира Трпков, не ѝ се суди на политичка партија, како што имало обвинувања во текот на процесот, туку на обвинети кои сториле кривично дело.

– Овој суд не му суди ниту на ВМРО, ниту на СДСМ, туку на конкретни лица за конкретен кривичен правен настан. Под заклетва стотици членови на партијата рекоа дека таа не стои зад овој упад – додаде судијата Трпков.

Тој нагласи дека за него како судија е најважно да се утврди дали бил загрозен уставниот поредок и безбедноста на државата, а не дали некој ги нарекува терористи обвинетите.

Со одлука на судечкиот совет денеска за виновни за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” беа прогласени и осудени Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието кој доби затворска казна од 6 и пол години,  Миле Јанакиески и Спиро Ристовски осудени на 6 години и 3 месеци и Владимир Атанасовски со казна затвор од 6 години.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.