Сугарески: Државата ќе им помогне на општините да ги решат елементарните инфраструктурни проблеми
Општините мора да работат на проекти во текот на зимскиот период за целосно да бидат подготвени за старт на новата градежна сезона, во март следната година, и веднаш да почнат со нивната реализација, порача министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Карпош.
Тој посочи дека го информирал градоначалникот Стефан Богоев дека во текот на наредната година на располагање ќе бидат средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра и дополнителни уште околу 50 милиони евра што се обезбедени од ТАВ и од јавните претпријатија за изградба на водоводни и канализациски системи, како и 70 милиони евра за изградба на локални патишта за кои во моментов се водат преговори со Светска банка.
Градоначалникот Богоев посочи дека општина Карпош е во тешка финансиска состојба, но тоа, како што рече, не ги спречува заедно со Владата да работат на проекти за доброто на граѓаните.
Во зимскиот период, додаде, како општинска администрација се зафаќаат со изработка на готови главни и ревидирани проекти со кои ќе аплицираат за средства во Министерството за транспорт и врски, пред се во делот на изградба на нови локални патишта и водоводи и канализации.
-Верувам дека ќе ги решиме сите наши горливи проблеми со водоводи, канализации и локални патишта со средствата кои ќе ги обезбеди општина Карпош за следната година и со средствата што ќе ги добиеме преку ЕИБ, ТАВ или министерството, а потоа ќе преминеме во фаза на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, посочи Богоев.