ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

СТРУЕН УДАР ЗА БИЗНИСИТЕ И СО И БЕЗ РЕСТРИКЦИИ Можно е и затворање на фирми и отпуштање на работници

Бизнисмените предупредуваат при донесувањето на мерката рестрикција на струја да се направи анализа и да се соберат мислењата на стопанствениците од различни сектори за да не дојде до чести прекини на производството и можни хаварии на машините.

Компаниите ќе се соочат со големи штети ако владата се одлучи на рестрикции на електрична енергија поради недостиг од овој енергенс. Дополнително и повисоката цена на енергенсот ќе влијае на идните планови на компаниите кои најавуваат намалување на производството поради високите трошоци и можно отпуштање од работа на дел од работниците. Во некои сектори се предвидува и затворање на фирми.

– Како и да одлучи владата компаниите се во вонредна состојба – велат стопанствениците.

Тие предупредуваат при донесувањето на мерката рестрикција на струја да се направи анализа и да се соберат мислењата на стопанствениците од различни сектори за да не дојде до чести прекини на производството и можни хаварии на машините. Предлагаат и да се размисли за одредени мерки со кои би се помогнале компаниите како компензирање на загубите или субвенционирање на електричната енергија кај производната индустрија, за да не се доведат во ситуација компаниите да размислуваат за намалено производство или отпуштање на работници.

Маријана Перковска од Текстилниот кластер вели дека рестрикциите, но и зголемувањето на цената на струјата многу неповолно ќе се одразат на производните компании, како и на извозно ориентираните претпријатија. Затоа, вели, таа потребно е добро да се обмисли како ќе се изведуваат рестрикциите.

– Прво најважно е при донесување на мерката да се има предвид товарот на кризата да се распредели на сите чинители. Подеднакво да го понесат државата, работодавците и работниците, а не само да се остави на работодавците. Притоа многу е важно како ќе се прават рестрикциите дневно или во текот на неделата ќе се определат денови во кои одделни индустрии нема да имаат струја. На тој начин компаниите ќе имаат можност да го планираат производството и да ги организираат работниците – вели Перковска.

Според неа, за производните капацитети оптимален начин би биле рестрикции по денови за да немаат празни одови во процесот на работа и ангажирање на работниците.

– Сецкањето на работниот ден во индустријата ќе значи и празни одови, неработење на работниците, но и поголема можност за хаварии на машините. Ние во текстилот моментално имаме најмалку три падови на продуктивноста кај работниците во текот на денот: на почетокот на работниот ден, по двете паузи и пред крајот на работниот ден. Во услови кога би имало рестрикции од еден два или три часа продуктивноста би паднала дополнително. Згора на тоа, што ќе им правиме на работниците во периодот додека нема струја. Во тој период, ако се присутни ќе трошиме за загревање на просториите и за други пропратни работи. Затоа мислам најдобро е рестрикциите во производните капацитети да биде неделно во еден или два дена, односно различни денови за различни индустрии и со најава дека и неделите ќе бидат работни денови. Тогаш и нашите планови ќе се усогласат на тоа, а и работниците ќе бидат слободни – вели Пекоска.

Притоа, вели таа, треба да стане јасно дека во тие услови и законските обврски за исплата на плата за неработен ден да не важи, односно на работниците во тие денови да не им се пресметува плата.

– Не може за неработење да се исплаќа плата. Тоа работодавците нема да можат финансиски да го поднесат. Ситуацијата не ја предизвикале тие и треба товарот да го поднесат работниците но и државата која треба да размислува за субвенционирање на струјата во производните капацитети или во оние капацитети кои извезуваат – додава таа.

Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија исто така вели дека рестрикциите струја ќе бидат штетни за компаниите.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.