ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ССМ: На работниците да им се гарантираат пристојна работа и заработувачка

Кризата да не се насочува само кон работниците и нивните семејства. Да им се гарантира пристојна работа и пристојна заработувачка. Да се признае дека општеството зависи од трудот на работниците и дека тие се рамноправен и значаен фактор во заедницата. Ова се само дел од барањата кои Сојузот на синдикати ќе ги испрати во сабота, од собирот по повод Први мај. Бараат и владата да ги исполни  ветувањата од својата предизборна програма.

Од Организацијата на работодавачи признаваат дека, Македонија е земја на компромиси. На хартија работниците уживаат големи права и заштита, почнувајќи од Уставот, па се до Кривичниот законик. Но, дел од работодавачите и понатаму не ги почитуваат работничките права, а со казни тешко се решаваат работите.

Димитров смета дека ова нема да се реши со зголемување на казните, туку со политика на морков и стап. Тие кои ги почитувале законите и работничките права, да имаат право на помош од државата, останатите – не.

За најавеното зголемување на породилното отстуство на една година, Димитров вели дека работодавачите не се финансиски засегнати, затоа што парите ќе ги исплаќа Фондот, но  мајките треба да внимаваат да не го загубат чекорот со кариерата. Министерката за труд и социјална политика, најави дека контурите на овој закон ќе бидат познати во јуни, кога ќе почне и општата дебата.

За предлогот на ССМ, заболувањето од коронавирусот да се смета за професионално заболување, има резерви и кај работодавачите и во владата. Ставот е дека, треба да се направи анализа за кои работни места оваа болест може да се смета за професионално заболување, како на пример здравствените работници, но, за останатите – да не биде по автоматизам.

Ве молиме следете не и стиснете лајк
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.