ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Со својата изјава Тошковски укажа на сериозни пропусти во приведувањето на новинарот Фуркан Салиу

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во обид да ја оправда и да даде прифатливо објаснување за наводната легитимност на постапката за приведување на новинарот Фуркан Салиу, само дополнително се заплетка во сопствената изјава пред полициското одделение во Шуто Оризари каде што одговараше на прашањата на новинарите за приведувањето на новинарот Салиу.

Ова особено се однесува на претресот на автомобилот на Фуркан Салиу. Според законските одредби, „преглед“ на патничко возило, термин на кој инсистира министерот Тошковски, припадниците на полицијата смеат да направат само визуелно и тоа задолжително во присуство на сопственикот на возилото или на возачот.

Визуелно подразбира без дополнителни физички активности како претурање по внатрешноста на возилото или во багажникот. Ако полицискиот службеник има основано сомневање дека е потребен подетален преглед, тогаш тој тоа треба да го побара од сопственикот или возачот и тие да ги разместат предметите или да ги отворат фиоките во возилото или во багажникот.

Во случајот на Фуркан Салиу, полициските служебници, како што произгелува од досега објавеното, дури и од страна на министерот, постапиле спротивно на законот, бидејќи за таков претрес каков што бил направен прекршиле две законски одредби.

Прво направиле претрес без присуство на сопственикот на возилото, а второ излегува дека пребарувале детално, иако тоа не смееле да го прават сами. За таков претрес е потребен налог од судија во претходна постапка.

Министерот Тошковски денеска им направи „мечкина услуга“ на неговите колеги од Единицата за брзо распоредување и од Интервентната полиција. За пронајденото оружје, кое е „откриено“ во незаконска постапка, освен што сопственикот Фуркан Салиу имал дозвола, Тошковски рече дека не смеело да биде во возилото што не е точно.

Според адвокатите шти ги консултираше Рацин.мк, а и според Законот за оружје, личност што поседува оружје за лична заштита со дозвола од Министерството за внатрешни работи и кога има право да го носи, е должен оружјето да го носи на начин што нема да ја загрозува личната сигурност и сигурноста на другите.Законот вели дека сопственикот или корисникот на оружјето е должен пренесувањето на оружјето да го врши на начин што оружјето, ако технички е можно, мора да биде расклопено, односно цевката да биде одвоена од механизмот за затворање, а ако не е можно муницијата да биде одвоена од оружјето.

Дури и да тргнат во МВР, по налог на министерот, дека Салиу не смеел да го носи пиштолот на јавно место, нема да го имаат законот на своја страна затоа што според Службен весник каде што се толкува Законот за оружје, за јавно место нема да се смета превозно средство во сопственост на носителот на дозвола за оружје за лична заштита.

Во овој случај, Фуркан Салиу, кој поседувал дозвола за оружје за лична заштита, постапил така како што налага законот. Пиштолот му бил расклопен и во ташна, која полициските службеници му ја одзеле во незаконска постапка во прегледот на неговото возило.

Додека МВР под раководство на Тошковски си ја турка својата приказна, сега со уште поголеми дупки како во „швајцарско сирење“, останува на внатрешната контрола во полцијата да утврди дали и на кој начин биле прекршени овластувањата на полициските службеници во приведувањето на Фуркан Салиу.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.