ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Состојбата на отруениот Навални се подобрува

Здравствената состојба на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални се подобрува, соопшти берлинската болница каде што се лекува откако беше отруен во Русија.

„Има одредено подобрување на симптомите предизвикани од ингестија на супстанции од групата инхибитори на холинестераза, што предизвикале труење“, се вели во соопштението на болницата, прецизирајќи дека пациентот сè уште е во индуцирана кома и на апарати за дишење.

Неговата портпаролка Кира Јармуш преку твит потврди дека тој „во моментов не е во животна опасност“.

„Сепак, лекарите сè уште се воздржуваат од прогноза“, додаде таа.

Болницата повтори дека засега не е можно да се каже дали Навални (44) ќе има долгорочни последици од „тоа тешко труење“.

Во понеделникот, два дена по итната хоспитализација на Навални во Германија, лекарите во берлинската болница соопштија дека дијагностицирале траги од труење со хемиско оружје, нервен отров од групата инхибитори на холинестераза.

Меѓу нив е и саринот, со кој бил труен поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија 2018 година во Англија.

Руските лекари кои се грижеле за Алексеј Навални во Сибир, тврделе дека за време на нивното тестирање не била пронајдена таква супстанца во неговото тело.

Главниот противник на рускиот претседател Владимир Путин падна во авион во четвртокот откако испи чај на аеродромот. Во саботата, тој беше пренесен од Сибир во Германија на лекување.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.