Скопска Апелација ја укина првостепената пресуда на Мијалков за „Трезор“

Скопска Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот Трезор и го врати предметот на повторно одлучување..
Осумгодишната затворска казна на која екс шефот на УБК Сашо Мијалков беше осуден за случајот Трезор е укината, а предметот е вратен на повторно одлучување. Одлуката ја донесе скопска Апелација а со неа се укинуваат и пресудите на Кривичниот суд и за останатите обвинети во случајот – тогашниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, но и на поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски на кого му се судеше во отсуство и првостепено доби највисока 15 годишна затворска казна.
„Апелациониот суд Скопје при разгледување на побиената пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.
Судски извори брифираат дека конкретните причини за ваквото решение се наведени во одлуката, но со оглед на тоа дека се работи за укината првостепена пресуда според законот за судови и законот за управување со движењето на предметите во судовите, нема да биде анонимизирана и со тоа достапна за јавност па така најверојатно тоа ќе важи и за овој предмет.
Инаку случајот Трезор, кој го отвори згаснатото СЈО, се однесува на злоупотреба на средства од буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на петтата управа при убк и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Пресудата Кривичниот суд ја донесе во април лани. Апелација треба да одлучи уште по еден предмет за кој Кривичен пресуди 12 години затвор за Мијалков, а се однесува на случајот Таргет Тврдина.