Си-ен-ен: Грубиот коментар на Путин открива многу за неговиот светоглед
Рускиот претседател Владимир Путин ги разбранува руските медиуми по прес-конференцијата со францускиот претседател Емануел Макрон.
Темата на забелешките на Путин, пишува Си-ен-ен, се Минските договори, протоколот за прекин на огнот потпишан од Украина и Русија во 2015 година и дали украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел да ги почитува. Но, грубиот јазик на Путин, а не техничките детали за примирјето, предизвика најмногу кликови во Русија.
„Што се однесува до Минските договори, дали се живи и дали имаат некаква перспектива или не? Верувам дека едноставно нема друга алтернатива. Повторувам уште еднаш, во Киев велат дека ќе ги почитуваат или дека тоа ќе им ја уништи земјата. Актуелниот претседател неодамна изјави дека не му се допаѓа ниедна точка од Минските договори: „Ти се допаѓа тоа или не, тоа е твоја должност, убавице моја“. Мора да се исполнат. Нема да може поинаку“, рече Путин.
Путин уште еднаш на светот му даде да ја наслути неговата душа, пишува Си-ен-ен. Ставот на лидерот на Кремљ за Минските договори не е ништо ново. Но, неговиот груб народен јазик – обраќајќи му се на Зеленски со омаловажувачки и родово ориентиран јазик – доведе до тоа некои руски новинари отворено да се запрашаат дали претседателот, всушност, направи груба шега.
Запрашан преку конференциски повик дали забелешките можеби „навестуваат сексуална конотација“, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече: „Претседателот мислеше да каже дека ако државата се обврзала на одредени обврски, ако има потпис од шефот на државата (под нив) тогаш овие обврски мора да се исполнат“.
Новинарот продолжи да прашува дали на Путин, можеби, му е познат изразот од фолк-панк бенд на руски јазик, кој во една од своите песни наводно има стих сличен на зборовите на Путин? Песков го негираше ова: „Сосема сум убеден дека Владимир Путин не е запознаен со делата на оваа група. И се сомневам дека во одреден момент оваа група го позајмила тоа од рускиот фолклор“.
Без оглед на фолклорот, забелешката го разоткрива Путиновиот насилнички однос кон Украина, за која тој јасно стави до знаење дека не ја смета за вистинска земја. И, исто така, е потсетник на некоја непокајана мизогинија, како во политиката на Путин, така и во неговите јавни изјави.
Како прво, муабетот „убавицата“ да се принуди да легне и да биде малтретирана доаѓа од истата личност која точно пред пет години декриминализираше одредени форми на семејно насилство. Путиновиот навредлив говор постојано повторно се појавува, а наводно вклучува и оправдување на силување.
Непристојното и грубо изразување на рускиот лидер понекогаш се објаснува како некоја демонстрација на блискост со народот кое се изведува пред домашната публика, но Путиновиот избор на рускиот глагол „терпеть“ во неговите изјави во понеделникот (да се толерира или издржи) покажува грдо фундаментално чувство за улогата на жената.
Запрашан за забелешките на Путин, украинскиот претседател Зеленски ги преформулираше зборовите на рускиот лидер на јазик што Путин ќе го разбере.
„Се разбира, има некои работи за кои се согласуваме со претседателот на Руската Федерација. Украина е убавица. Што се однесува до зборот „моја“, тоа е малку преувеличено“, рече Зеленски.
Што се однесува до ставот на обврзаност и толерирање, Зеленски додаде: „Мислам дека Украина е многу трпелива. Затоа што тоа е мудро. Мислам дека тоа е важно не само за Украина, туку и за цела Европа“.
Ова не е прв пат Путин да користи ваков речник. Еден од неговите најпознати цитати датира од 1999 година, кога тој сè уште беше премиер и вети дека ќе ги уништи чеченските сепаратисти, велејќи: „Ако се на аеродром, ќе ги гониме на аеродром. Ако ги фатиме во тоалет, ќе ги уништиме и во полски тоалет“.
Истото важи и за актуелната криза. Кога ќе го отфрли дипломатски јазик, Путин зборува така да можеме да го видиме.