Сите вработени со месечни примања до 15 илјади денари ќе добијат ваучер од 100 евра

Сите вработени со месечни примања до 15 илјади денари ќе добијат ваучер за туризам од 100 евра, информираше министерот за економија Крешник Бектеши.
Ваучерот ќе може да се искористи од 15ти јули до крајот на годината. Опфатени се граѓаните на кои од јануари до април годинава месечените примања им биле до 15 илјади денари.
Што значи дека во едно семејство доколку еден од сопружниците зема поголема плата од 15 илјади денари, тоа не значи дека на другиот нема да му следува ваучер.
На овој начин Владата ќе го поттикнува домашниот туризам. Со овие пари – сместување ќе може да се плаќа и во приватните сместувања како и во места кои издаваат соби. Граѓаните ќе треба само да го прикажат ваучерот, а потоа економија ќе ги исплати парите за сместување.
Министерството ќе изработи веб страна на која граѓаните ќе може да видат на кои места ќе може да го искористат ваучерот. Веб страната ќе биде достапна за две недели.
Според Уредбата, ако сместувањето чини повеќе од 6 илјади денари, граѓанинот сам ќе си ја доплати разликата. Исто така ваучерот е само за една употреба.
Ваучерите, како и упатството за употреба, на граѓаните ќе им бидат доставени преку меил. Бектеши ги повика сите граѓани кои до крајот на следната недела нема да добијат ваков меил, а влегуваат во оваа категорија граѓани да се обратат во министерството.
Според пресметките опфатени ќе бидат околу 100 000 илјади граѓани, на нив им следуваат и 50 евра платежна картичка со која ќе може да купуваат домашни производи.