Симовски: Пописот ја покажува реалната состојба, не исполнувавме ничии очекувања
Пописот е сработен по европска методологија и релевантноста на податоците не може да се оспорува заради незадоволство од самите бројки, изјави денеска за МИА директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.
– Наша обврска е да ја покажеме реално состојбата и тоа го направивме, не се раководевме од тоа дали ќе исполниме нечие очекување или не, нагласи Симовски.
Според директорот на ДЗС, коментарите за подзастапеност на некои етнички заедници во Пописот или нивно неприфаќање на резултатите е целосно неоправдано, затоа што намалувањето се забележува во сите групи.
– Пописот покажа дека има намалување на бројот на населението, но нашата обврска како ДЗС е да дадеме реалната состојба согласно дефиницијата на резидентното население. Ако се направи споредба со последниот попис, имаме 185.834 жители помалку и тоа е забележливо кај сите етнички заедници, додаде Симовски.
Резултатите од пописот покажаа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто.
Незадоволство од резултатите на пописот, но и бројноста на припадниците на нивната етничка заедница изразија неколку партии и организации.
ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека Пописот е некомплетен и како таков не дава целосна слика за популацијата, а Алијанса за Албанците смета дека пописните резултати не може да се вреднуваат како веродостојни кога „на околу 8,5 отсто од вкупното население не им се знае националната припадност“.
За Демократски сојуз резултатите од Пописот не се одраз на реалноста, Левица одби да ги признае оценувајќи дека се „непопишани 300.000 државјани“, а Социјалистичката партија смета дека тој е „нецелосен, манипулирачки и им нанесува штета на националните интереси на граѓаните“.
Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во земјава смета дека вистинскиот број на Турците е поголем од оној што го покажуваат пописните резултати и соопшти дека „не ги признава пописните бројки и проценти“, а незадоволство од бројноста на Бошњаците изрази и Бошњачкиот демократски сојуз, кој бара да се преиспитаат резултатите.