СЗО: Европа може да живее со коронавирусот и без вакцина

Европа може да живее со ковид-19 и без вакцина доколку успешно ги контролира жариштата со примена на локализирани вонредни мерки, оцени во вторникот регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
„Денот кога ќе ја освоиме пандемијата нема да е нужно со вакцината. Тoе ќе се случи кога ќе научиме да живееме со пандемијата, а тоа може да биде и утре“, рече Клуге во интервју за Скај њуз.
На прашањето дали очекува повторно воведување на построги вонредни мерки поради нов бран на пандемијата, тој одговори негативно.
„Не, оптимист сум, но сепак не ја исклучувам можноста од воведување локални вонредни мерки во жаришните области“.
Водителот на шведската Агенција за јавно здравство Јохан Карлсон, исто така верува дека пандемијата ковид-19 нема да може да се запре само со вакцина, туку во догледно време и голем број превентивни мерки ќе мора да останат во сила.
Новата вакцина ковид-19 „веројатно ќе биде важно средство“, но не и средство што претставува крајно решение за проблемот, рече Карлсон, чија земја се одлучи за контроверзен модел во склад со кој поголемиот дел од општеството бил поштеден од рестриктивни против-епидемиски мерки.
Шведската министерка за социјални работи Лена Халенгрин изјави дека новата вакцина за ковид-19 најпрво треба да им се даде на луѓе постари од 70 години, членови на ризични групи и медицински персонал и негуватели.