СЕ УКИНАА ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ МАСКИ ВО ЗАТВОРЕН ПРОСТОР
По две години, маските паднаа. Граѓаните ќе можат послободно да дишат. Владата денеска го укина задолжителното носење маски во затворени простории. Без маски ќе може да се пазари во маркетите и другите продавници, да се влегува во банка.
Сепак, ако одите во здравствени установи, аптеки, старски домови или користите јавниот превоз, тогаш маската нека ви биде при рака. Таму е се уште задолжителна. Добра вест и за средношколците. И тие веќе не мора да носат маски на час, а сите ученици од годинава ќе можат да одат на екскурзија, откако Владата денеска ја укина забраната за нивно организирање. Ова дополнително олабавување на ковид мерките доаѓа откако бројките на позитивни, хоспитализирани, починати и активни случаи со коронавирус драстично се намалија.
Една третина помалку заразени се регистрирани во земјава минатата недела, во однос на таа пред неа, а вчера, за прв пат по 3 август лани, беа регистрирани двоцифрен број новозаразени со ковид-19.
Намален е и бројот на смртни случаи, откатко минатата недела се регистрирани 10 починати, за разлика од претходната кога имаше два случаи повеќе, што пак беше намалување за речиси 50 отсто во однос на неделата пред тоа. Бројот на активни случаи во земјава е 1.211, што е најниско во последните осум месеци.
Досега во Македонија од коронавирус се заразија 307.142 граѓани, од кои 9234 ја загубија битката со оваа болест.