СЕ ЗАБРЗУВА ВАКЦИНАЦИЈАТА ВО ЕУ, ФОН ДЕР ЛАЈЕН ГИ ПРИЗНА ГРЕШКИТЕ НА БРИСЕЛ
Додека во ЕУ не стивнуваат критиките и барањата за оставка на претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен поради доцнење во набавката на вакцини против коронавирусот, таа пред европарламентарците изјави дека вакцинирањето во ЕУ се забрзува и дека останува целта да се имунизираат најмалку 70 отсто од населението до крајот на летото. Фон Дер Лајен рече дека земјите од Западен Балкан се ослободени од ограничувања за извоз на вакцини.
„На сите им е потребна предвидливост кога е во прашање испораката на вакцини. Затоа е воведен механизам за транспарентност и авторизација на извозот. Немаме намера да ги ограничуваме компаниите кои ги почитуваат договорите со ЕУ, автоматски се исклучени од ограничувањата за извоз во земјите од Западен Балкан, за хуманитарни цели и во 92 други земји преку ковакс.“ – изјави Урсула Фон Дер Лајен – претседателка на ЕК.
Фон дер Лајен најави и координација во рамките на ЕУ кога станува збор за борба против нови мутации на вирусот. Утре во областа Атика во Грција стапуваат во сила нови мерки на строг карантин. Тоа подразбира целосно затворање на бизнисите и услугите што претходно беа отворени, но затворање и на училиштата и градинки, полициски час од 21 часот од понеделник до петок и од 18 часот за време на викендите, движење само по претходно испратена смс порака и задолжителна употреба на маска.
Еден од експертите на Светската здравствена организација кои престојуваат во Кина во мисијата за истражување на потеклото на коронавирусот во Вухан, Питер Дасак, ја доведе во прашање веродостојноста на американското разузнавање за пандемијата и рече дека не треба премногу да се ослонува на американските разузнавачки служби. Коментарот уследи по изјавата на портпаролот на Стејт департментот во која САД се дистанцираат од првичните наоди на експертите на СЗО.
Меѓународниот тим експерти од СЗО вчера соопшти дека немаат индикации дека вирусот бил присутен во кинескиот град Вухан многу пред да биде откриен и дека хипотезата дека коронавирусот „избегал“ од лабораторијата е „крајно неверојатна“.