Се враќа можноста за плаќање сметки во Пошта
За два месеци повторно ќе може да се плаќаат сметките во поштите. Потпишан е договорот со Халк банка која ја презема работата на пропаднатата Еуростандард банка. Договорот ќе важи 15 години и со него е предвидено 71% од заработувачката да оди на сметка на поштата, 29% за банката. Според првиот човек на Макеоднска пошта, овој договор ќе помогне да се стабилизира финансиското работење на компанијата, а бенефит ќе има и за граѓаните затоа што ќе имаат можност да плаќаат во 300 пункта низ земјава. Тоа ќе ги намали и турканиците пред банките.
Договорот е потпишан во време кога се крои иднината на поштенскиот сообраќај во земјава. Отворена е опцијата и за продажба на компанијата. Со оглед на тоа дека договорот се потпишува на долг рок и е можно идниот газда да го раскине, предвидени се и заштитни клуаузли во договорот односно пенали што ќе треба државата да ги плати на банката.
Платниот промет во поштите престна во август кога НБРМ објави дека ја укинува дозволата за работа на Еуростандард банка. Дотогаш од 60 до 80.000 трансакции секој ден или четвртина од сите плаќања во земјава се одвиваа преку поштите затоа што во повеќе населени места нема друг начин за плаќање.