ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Се бара извоз и на цветот од канабис

Здружението Мак Канабис од новиот парламентарен состав бара итно да се донесе нов Закон кој ќе овозможи продажба на цвет од марихуана надвор од Македонија. Индустријата ни стагнира, велат тие. Дозволено е производство, но не и извоз, со што не се следат светските движења на овој сектор.

„Ние сакаме да имаме можност покрај екстрактите, покрај финалните фармацевтски производи коишто се дозволени за извоз, да добиеме можност да извеземе и сув цвет којшто во принцип во Германија е лек регистриран и покриен од фондот за здравство“, рече Златко Кесковски Здружение „Мак Канабис“.

Научникот Јовица Лешовски кој денеска беше дел од собирот пред Собранието на здружението Мак Канабис се обиде да објасни дека со производите добиени од канабис се лекуваат голем број тешки заболувања, меѓу кои и Ковид 19. Актуелниот закон според него не дозволува да се развиваат и нови научни трудови и истражувања поврзани со канабисот и неговото позитивно влијание.

„Позитивни примери има во третманот на Алцхајмерот, позитивни резултати има во третирање на разни канцери. Науката оди натаму што покажува дека има позитивно влијание на пациенти кои имаат или биле заболени од Ковид“, вели Лешовски.

Здружението Мак канабис овие законски измени ги бараше и од претходниот парламентарен состав, но не ги доби. Денеска се упатија во Собранието да се сретнат со сите парламентарни групи за да не бидат политички обоени. Се жалат дека загубите од тоа што не можат да извезуваат цвет од канабис, на сите нив вкупно им надминува милионски суми во евра.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.