Секое петто работоспособно лице, кое сака да работи, лани било невработено, покажаа најновите податоци од анкетата на работна сила што ја прави Државниот завод за статистика. За 2018 година измерена е стапка на невработеност од 20,7, што е за 1,4 процентни поени помалку отколку во 2017 година.

Падот на невработеноста лани е проследен со раст на вработеноста која има стапка од 45,1 процент, а минмимално пораснал и процентот на активното население и тоа од 56,8 на 56,9. Или, како што соопшти ДЗС, во 2018 година, активното население изнесува 957.623 лица, од кои вработени се 759.054, а 198.569 се невработени.

Загрижувачки е податокот дека стапката на активност на населението лани се намалила кај младите лица, односно кај возрасните групи од 15 до 24 години и од 25 до 49 години, а пораснала само кај постарите лицата на возраст од 50 до 64 години, и тоа од 57,8 на 59. Во пад е и стапката на врабореност кај најмладите до 24 години и тоа од 17,5 во 2017 на 17,4 лани.

Стапката на невработеност кај младите мажи на возраст од 15 до 24 години лани била во пораст. Од 45,7 во 2017 година се зголемила на 46,6. Кај жените на таа возраст, пак паднала од 48,6 на 43,2.

Најмногу вработени лани имало во преработувачката индустрија, нешто над 150.000, потоа во земјоделството – околу 120.000, па во трговијата, близу 110.000. Најмалку работници ангажирале рударескиот сектор, околу 6.500 и финансиските дејности и осигурувањето, каде што работеле околу 8.000 лица.