СДСМ со прв вицепремиер и претседател на Собрание, ДУИ со технички премиер, ВМРО одлучува за следните чекори

Власта ќе чека уште една недела за да ја дознае одлуката на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе учествува во техничката влада. Од партијата на Мицкоски за ТВ 24 информираат дека наредната недела ќе има одлука, но како што наведуваат она што ги загрижува се желбата на власта за изборен поткуп и подмитување.
– Наредната недела ќе има одлука. Она што загрижува е желбата на власта за изборен поткуп, делење на наводна социјална помош која е само грубо потценување на граѓаните, загрижува буџетот кој е скроен за изборни подмитувања но, граѓаните треба да ги охрабрува фактот што ВМРО-ДПМНЕ ќе носи одлуки кои ќе значат се спротивно од ова.
Денеска премиерот Ковачевски изјави дека ќе фрлело дамка врз изборниот процес ако ВМРО-ДПМНЕ немало да учествува во техничката влада нотирајќи дека нема причина опозицијата да не учествува во неа дотолку повеќе што е обврска регулирана со законите за влада и за избори.
Ковачевски ги повтори позициите што во техничката влада се резервирани за опозицијата и дека на сто дена до изборите тој, како и сите претходници, ќе се повлече од премиерската позиција, за да стапи на сцена техничката влада за чиј премиер е предложен актуелниот собраниски спикер Талат Џафери за што ковачевски вели се координирал со коалициониот партнер дуи, а на негово место до изборите ќе дојде Јован Митрески актуелен координатор на пратеничката група на социјалдемократите.
За тоа дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада се произнесе и министерот за локална самоуправа ристо пенов како дел од либералдемократите во владата.
А по се изгледа во власта останува и Алијансата на Албанците. Дилемата на некој начин индиректно ја разјасни премиерот Ковачевски, кој на прашање од новинар до министерот за здравство Меџити дали ќе има време да го спроведе планот за реорганизација на клиничкиот центар, бидејќи зборуваат за можно излегување од владата, одговори:
– Согласно договорот меѓу власта и опозицијата за датумот и начинот за одржување на изборите техничката влада стапува на сцена од 28 јануари. Неа ја избира собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. На опозицијата и припаѓаат министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика каде делегира свои министри, како и дополнителни заменици министри за финансии, земјоделие и во министерството за информатичко општество и администрација.