Сајбер измамници бараат пари преку интернет, НБМ советува – бидете внимателни
Сајбер измамниците не мируваат. Во последните десетина дена од минатата година неколку граѓани од земјава примиле сомнителни електронски пораки, во кои испраќачите лажно се претсавуваат во име на домашна или странска институција. Најчесто тие го известуваат избраниот граѓанин како нивни таргет дека добил одредени средства, со што го навлекуваат на комуникација, а потоа бараат од него тој да уплати пари на сметката која тие ја наведуваат.
Некои од лажните профили се претставувале и во име на Народна банка на Македонија, за што оваа институција деновиве ги извести граѓаните и на својата веб страница, предупредувајќи ги дека треба да бидат внимателни. Од НБМ велат дека со лажното претставување испраќачите имаат за цел, повикувајќи се на злоупотребениот односно лажниот идентитет, противправно да остварат финансиска корист, или, пак, да приберат лични податоци кои потоа можат да бидат злоупотребени.
Во дел од пораките што се упатени до одредени е-адреси на лица од земјава, велат од централната банка, непознатите испраќачи лажно се претставуваат во име на меѓународни и домашни финансиски институции, вклучително и во име на НБМ, при што пораките не се испратени од системите на институциите.
„Оттука, укажуваме на потребата од внимателно постапување доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете вакви пораки, за кои цените дека се од сомнителен карактер, односно пораки во кои ви се нуди нешто што не делува остварливо и вистинито и во кои има претставување во име на финансиска институција, вклучително и во име на НБРМ. Поконкретно, доколку не сте сигурни дека станува збор за порака испратена од легитимна е-адреса на финансиска институција, укажуваме дека е потребно да ја игнорирате таквата порака и да не започнувате комуникација во која ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција односдно уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка“, пишуваат од Народната банка на својата веб страница.
Според сознанија на Телма, досега во неколку наврати се случувало во одредени термини, и тоа најчесто на крајот на годината, одредени измамници да испраќаат пораки во име на ММФ или Светска банка на пример, но за прв пат тоа се случило некој да испраќа лажна порака во име на Народна банка.
Граѓанинот што ја добил веднаш забележал дека станува збор за своевиден аматерски обид за измама, но сепак за тоа веднаш ја известил централната банка, а таа пак, пријавила во Министерството за внатрешни работи. Од МВР, пак, велат дека штом случајот е пријавен, по него сигурно постапува Секторот за компјутерски криминал во министерството.
Засега нема информации дека некои од граѓаните кои добиле вакви пораки наседнале на измамата и уплатиле средства.
Од НБМ советуваат дека кога некој ќе добие ваква порака, најдобро е таа прво да ја провери кај институцијата, вклучително и кај нив, ако некој настапил во нивно име. Ако тоа се прави електронски, треба да се испрати нова, а не како одговор на сомнителната е-порака.