Само стабилност на Западен Балкан не е доволно

Стабилноста на Западен Балкан е во интерес на Европа – тоа е формулата околу која Германија и Франција најдоа најмал заеднички именител во врска со овој регион. Но, само тоа не е доволно, смета Аделхајд Фајлке.

Стабилност, стабилност, стабилност – тоа е заедничкиот именител на повторниот поинтензивен ангажман на Германија и Франција околу Западен Балкан и она што ги поврзува инаку доста различните политички позиции на Берлин и Париз кон шесте земји од регионот. Тоа е и реалистичка основа со која јасно се става на знаење кои се интересите на Европа на Западен Балкан, без да се даваат лажни ветувања и да се будат нереални надежи. На заедничката конференција за Западен Балкан, Ангела Меркел и Емануел Макрон од почетокот јасно кажаа за што нема да стане збор на самитот: ни заперспективата за приклучување кон ЕУ, ни за Берлинскиот процес, исто така не и за тоа како на Белград и Приштина да им се пропише „некое решение за спорот околу Косово“. Од друга страна јасно беше кажано за што ќе се зборува: безбедност, борба против шверц на оружје, тероризам, нелегална миграција и организиран криминал. Тоа се заеднички интереси и приоритети во регионот.
Стабилност проследена со политички мерки
Приматот на стабилноста ја прави уверлива политиката кон Западен Балкан и таа може уверливо да им се објасни на членките на ЕУ. Но, таа мора да биде проследена и со политички мерки. Зашто, на крајот на краиштата, само еден политички доверлив партнер може да ја гарантира и саканата стабилност. А доверливоста и на Западен Балкан функционира само преку демократски контролни органи и демократски легитимирана политика.
Оној кој денес не се придржува кон принципите на правната држава, утре нема да се придржува ни кон некои принципи во својата надворешна политика. Да се стават сите карти на стабилократи, кои навистина можат да ја запрат реката бегалци, но истовремено ги подриваат и принципите на демократијата, би било кратковидо. Грешките кои се направени во други региони не би требало да се повторат на Западен Балкан.
Затоа е многу добро што на крајот на самитот за Западен Балкан сепак се дојде до јасни заклучоци од германско-француското копретседателство, кои би требало да бидат задолжителни за сите учесници. Меѓу останатото тука станува збор за „јасната определба за демократија(…), за правна држава, за одговорно однесување внатре во државите, за борба против корупцијата и организираниот криминал и за јакнење на улогата на цивилното општество и независните медиуми“. Познато е дека хартијата може сѐ да истрпи. Но, би било фатално ако го немаше овој сигнал и ако не беа формулирани овие барања.
Токму тоа поврзување на интересите за стабилност и свртеност кон иднината овозможи минатата година решение на долгогодишната кавга помеѓу Грција и Република Северна Македонија околу името.