САД не оставија лек за Европа, ја купија цела залиха на Ремдесивир
Лекот Ремдесивир, кој се покажа ефикасен во борбата против корона вирусот од денеска го нема на залиха. САД се договори со производителот Гилеад да ја купат целата залиха од 500-тини илјади дози, што е 100% од произодството за јули, а 90 за август и септември. Така, на Европа и остатокот од светот не им останува ништо, освен да чекаат до октомври, кога лекот повторно ќе биде достапен на пазарот.
Истражувањата покажаа дека овој лек го забрзува заздравувањето за четири дена, кај пациентите кои се хоспитализирани и се со тешки симптоми. Ефектот на лекот не е набљудуван кај пациентите кои се со слаба или средна клиничка слика од болеста. Ремдесивир исто така ја намалува и смртноста, но според научниците, ова не е дефинитивниот лек, и издаден е само за итна упоптреба.
Ова не е лекот, во ниту еден случај, не е ниту решение, но е прва индикација за нешто што може да им помогне на пациентите пократко да се во болница, вели лекарот Мишел Харкинс.
Според докторите, одговорот можеби лежи во комбинацијата на Ремдесивир со уште некој антивоспалителен лек. „Гилеад сајансис“ летово ќе го искористат за истражување на опцијата Ремдесивир да може да се инхалира. Компанијата го разви лекот за лекување на ебола, но тука не успеа да делува. Лекувањето со шест дози чини 3.200 долари. Америка ги купи сите дози како водечка земја со најмногу заболени од корона вирусот. Калифорнија, Тексас, Флорида, Аризона се новите жаришта. 16 сојузни држави веќе воведоа нови мерки, но и повторно ги затворија малите бизниси, како кафулиња и ресторани.
Според водечкиот американски експерт за заразни болести, државата оди во погрешна насока, и наскоро може да се очекува бројката на заболени на дневно ниво да достигне и сто илјади, најмногу поради непочитување на здравствените препораки.
Погледнете ги само видеата каде се гледа како луѓето се собираат најчесто без маски, сите се во метеж, скокајќи и не почитувајќи ги препораките кои се внимателно поставени, ќе продолжиме да бидеме во голема неволја, вели Ентони Фаучи, директорот на Националниот институт за инфективни болести.
Односот на Америка кон пристапот за потенцијална вакцина останува ист – односно таа да го има ексклузивното право. Вашингтон уште во март се обиде да се договори германската фармацевтска компанија КјурВак да развие вакцина само за САД. Но, Германија остро се спротистави. Се пренасочија кон францускиот прозиводител Санофи, но компанијата доби опомена од официјален Париз дека пристапот на вакцината треба да е еднаков за сите, и тука нема преговарање.