Русија тврди дека трети страни „вмешале прсти“ во протестите во Белград

ЕУ и САД повикаа да сопрат насилствата во Белград. Американскиот Стејт департмент ги повика властите во Србија да соработуваат со мисијата на ОБСЕ во истрагата за наводите за изборни нерегуларности, но Вучиќ порачува дека ОБСЕ претходно знаеле дека опозицијата нема да ги признае изборите, а барањата на меѓународниот фактор е од други причини.
Ние немаме никаков проблем, но тие не знаат ни што да бараат, сите знаат дека се беше чесно. Сите го знаат тоа, и не го бараат тоа поради тоа, туку за да ги остварат своите геополитички интереси. Немојте да сте наивни, и сите тоа добро го знаете. Тоа бараат за да направат притисок врз една суверена, независна и слободна земја и за своите пошироко геополитички интереси да ја доведат политичката состојба на Србија во состојба која на нив ќе им одговара, изјави Вучиќ.
Само на неколку избирачки места во Србија ќе се прегласува в сабота, но тоа ништо нема да смени, вели Вучиќ, додавајќи дека никој друг не може да победи. Тврди дека секој има право да протестира, но е горд на полицијата во неделата била воздржана на провокациите.
Протестите поради изборните нерегуларности во главниот град и натаму траат, исто како и штрајкот со глад на двајца пратеници, а на улица излегуваат и студентите.
Првиот сојузник на српската власт, Москва обвинува дека се вмешани трети страни во протестите во обид да предизивикаат нестабилност во земјата.
Во Србија има легислатива, изборни тела, има набљудувачи кои не регистрираа нерегуларности кои би фрлиле сомнеж за легитимноста на изборите. И покрај тоа, постојат обиди од трети страни, конкретно од надвор, да провоцираат вакви нереди во Белград. Тоа е нашето мислење, изјави портпаролот на кремљ, Дмитриј Песков.
Сепак српските аналитичари сметаат дека нема голема веројатност Западот да е виновен за оркестрирање на протестите, бидејќи Вучиќ засега е единствената прифатлива опција за Западот. Најмногу поради тоа што опозицијата е разединета и Брисел нема на кого да се потпре, за работи поврзани со Косово.