Русија-САД: Дали е на повидок нова Студена војна меѓу старите ривали?
Кремљ денес соопшти дека Москва отсекогаш се надевала на најдоброто, но дека се подготвува за најлошото на прашањето за можноста за нова Студена војна меѓу САД и Русија.
Дипломатските врски оваа недела паднаа на ново најниско ниво откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека смета оти претседателот Владимир Путин е „убиец“ во интервјуто кое ја наведе Русија да го повлече својот амбасадор во Соединетите Американски Држави.
Според Reuters, Путин подоцна му понудил на Бајден онлајн разговори во живо.
Денес, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека понудата на Путин за разговори останува отворена и дека Путин може да го направи секое време погодно за Бајден, иако таа понуда нема да остане на маса на неодредено време.
„Путин рече дека и покрај сè, нема смисла да се игра мегафонска дипломатија. Има смисла во продолжување на односите“, рече Песков пред новинарите.
Тој беше прашан и за можноста за нова Студена војна меѓу двете земји.
„Секако, секогаш се надеваме на најдоброто, но секогаш сме подготвени за најлошото. Што се однесува до Русија, претседателот Путин јасно изрази желба да ги продолжи односите“, рече тој.
„Но, се разбира, не можеме да ги игнорираме коментарите на Бајден“, рече тој, повикувајќи се на интервјуто на Бајден за ABC News емитувано во средата.
Бајден во интервјуто го опиша Путин како човек кој нема душа и рече дека рускиот лидер ќе ја плати цената за наводно мешање во претседателските избори во САД во ноември 2020 година, нешто што Кремљ категорично го негира.