Русија и Украина: Хроника на една необјавена војна
Конфликтот помеѓу Русија и Украина има длабоки корени. Во суштина се работи за тоа дека Москва не ја прифаќа независноста на Киев.
Тензиите меѓу Русија и Украина датираат уште од средниот век. Двете земји имаат заеднички корени во источнословенската држава Киевска Русија, поради што рускиот претседател Владимир Путин денес претпочита да зборува за „еден народ“. Во реалноста, патиштата на двата народа беа разделени со векови, настанаа два јазика и култури – тесно поврзани, а сепак различни. Додека Русија политички се разви во царство, Украина не успеа да формира своја држава. Во 17 век, големи области на денешна Украина станале дел од руската империја. По нејзиниот распад во 1917 година, Украина стана независна, што траеше кратко, сѐ додека советска Русија не ја освои повторно.
1990-ти: Русија ја пушти Украина да си оди
Во декември 1991 година, Украина, заедно со Русија и Белорусија, беше една од трите сестрински републики кои го запечатија распадот на Советскиот Сојуз. Москва сакаше да го задржи своето влијание и Заедницата на независни држави (ЗНД) ја сметаше за инструмент за остварување на тоа влијание. Кремљ исто така веруваше дека со испорака на евтин гас може да ја врзе соседната земја за себе. Работите излегоа поинаку. Додека Русија и Белорусија формираа алијанса со блиски врски, Украина сè повеќе гледаше кон Запад.
Тоа го иритираше Кремљ, но во 1990-тите не дојде до конфликт. Москва делуваше опуштено, бидејќи Западот не сакаше да ја интегрира Украина. Самата Русија беше економски слаба и врзана со чеченските војни. Во 1997 година, со потпишувањето на т.н. „Голем договор“, Москва ги призна границите на Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим, каде мнозинството се етнички Руси.
Први пукнатини во постсоветското пријателство
Во текот на мандатот на Путин како претседател, дојде до првата голема дипломатска криза помеѓу Москва и Киев. Во есента 2003 година, Русија изненадувачки почна да гради брана во Керчкиот Теснец кон украинскиот остров Коса Тузла. Киев во тоа гледаше обид за прекројување на границата. Конфликтот ескалираше и беше решен дури по средбата лице в лице меѓу претседателите на двете земји. Изградбата беше стопирана, но декларираното пријателство меѓу двете земји доби пукнатини.
На претседателските избори во Украина во 2004 година, Русија му даде голема поддршка на прорускиот кандидат Виктор Јанукович. Но, „Портокаловата револуција“спречи негова фалсификувана победа, а победи прозападниот политичар Виктор Јушченко. За време на неговиот мандат, Русија двапати ја прекина испораката на гас за Украина, во 2006 и 2009 година. Прекин имаше и на транзитот на гас за ЕУ.