Русите тврдат дека го зазеле Мариупол – Путин нареди блокада на Азовстал
Русија прогласи победа во Мариупол, иако последното украинско упориште во градот, челичарницата „Азовстал“ и натаму останува неосвоена.
Рускиот претседател Путин помалку изненадувачки порача дека се откажува од долго најавуваниот јуриш во фабриката, а наместо тоа, му наложи на министерот за одбрана Шојгу, руските сили целосно да го блокираат коласалниот објект, потег штомногумина го протолкуваа како обид да ги изгладни до смрт преостанатите украински борци или да ги принуди самите да се предадат. Проценките се дека во внатрешеноста на челичарницата има околу две илјади украински војници и околу илјада цивили.
-Треба да размислуваме за заштита на животите и здравјето на нашите војници и офицери. Нема потреба да качувате во тие катакомби и да ползите под земја низ индустриските објекти. Блокирајте ја оваа индустриска област да не може мува да прелета. , изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Ваквиот чекор на Путин, за дел од аналитичарите, се должи на опасноста руските сили да претрпат сериозни воени загуби во фабриката во услови кога главниот фокус на Москва е битката за Донбас на истокот. Украинскиот претседател Зеленски за француските медиуми руската блокада во Мариупол ја нарече терористичка операција и обвини дека не го почитувале прекинот на огнот за да се отворат евакуациски коридори. Претходно, порача дека Русија треба да биде прогласена за држава која го спонзорира тероризмот.
-Ситуацијата на истокот и југот од земјата останува исклучително тешка. Окупаторите не се откажуваат од обидот да постигнат барем некаква победа во новата, обемна офанзива. Европската Унија веќе подготвува шести пакет санкции. Работиме на тоа да го направиме ова навистина болно за руската воена машина и за руската држава како целина. , изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина.
Преземањето на пристанишниот град Мариупол се смета за еден од клучните чекори на Москва, со кое би се создал копнен мост меѓу источниот регион Донбас и анектираниот Крим. Во градот во моментов се наоѓаат околу сто илјади цивили, кои речиси два месеца се без струја, вода и телефон.